ИВАНОВ МОРА ДА ПОДНЕСЕ ОСТАВКА И ДА ОДГОВАРА ПРЕД ЗАКОНОТ!

Соопштение на ЦИВИЛ во 23 часот:

Претседателот Иванов продолжува со манипулациите и купува време за пролонгирање, односно продлабочување на кризата во Република Македонија. Во своето обраќање, тој повика на лидерска средба и го изнесе ставот дека секој што го прекршил Уставот мора да се соочи со последиците.

Иванов ја даде оваа изјава во екот на насилничките акти во и околу Собранието во кое парламентарното мнозинство конечно реши да излезе од политичкиот ќорсокак, за потоа да биде нападнато од организирана толпа насилници.

ЦИВИЛ – Центар за слобода најостро го осудува насилството за кое се виновни токму Иванов, како и моќниците во партијата чии интереси ги брани, а кои се осомничени за тешки кривични дела во истрагите на СЈО.

Од еден претседател на држава се очекува да го осуди насилството и да побара итна и решителна акција од органите на редот и мирот, а не посредно да ги обвини сите политички партии.

Поради континуираното кршење на Уставот на Република Македонија и отвореното опструирање на политичките процеси за надминување на политичката криза, поради неуставното блокирање на работата на Собранието, поради узурпацијата на функцијата претседател на Република Македонија, бараме од Ѓорге Иванов да поднесе оставка, а од институциите бараме да поведат итна постапка за утврдување на неговата одговорност пред законите.