Во своето годишно обраќање, во име на македонските граѓани, претседателот Ѓорге Иванов предупредува и дисквалификува, напаѓа и обвинува. Но, не во мое име и не во име на безбројни граѓанки и граѓани кои тој ги навредува со своето долгогодишно соучество со криминалната и автократска власт!
Што направи Иванов за да го обедини ова длабоко поделено општество?! Што направи Иванов за да обезбеди демократија, владеење на правото и почитување на човековите права и слободи?! Што направи овој човек за време на своето молчаливо претседателствување?! Што направи за да го подобри меѓународниот углед на земјава?! Што?!
Противправно аболираше осомничени за криминал, за злоупотреби и изборна кражба и со тоа, помогна да се продлабочи кризата во Македонија.
Се жали дека му го искршиле дуќанот во центарот на градот. Тој дуќан е на граѓанките и граѓаните и можеби не беше убаво што се искрши неговиот излог, но гневот го предизвикаа токму тој и неговата братија.
Молчеше за сите валкани и антидемократски постапки на своите газди, братучедите Груевски и Мијалков. Но, затоа се нафрли врз меѓународните пријатели на Република Македонија.
Повикува на помирување онаму каде што треба да има судски процес, небаре Македонија е гранапче пред кое се собрале раскарани пијаници.
Вели дека Македонија успешно се справила со бегалската криза и дека распоредувањето на странски полициски сили се одраз на благодарноста на европските држави за тој успех. Не виде дека, всушност, македонските активисти и новинари помогнаа оваа криза да не прерасне во катастрофа. Ако странски полициски сили се распоредат некаде, тоа е одраз на неуспех, а не на успех. Во која успешна држава испратила Македонија војска и полиција?!
Граѓанките и граѓаните не се гледаат себеси „низ тесната призма на политичките партии“, како што вели тој, туку нивните права и слободи, нивното достоинство и опстанокот се загрозени и прегазени. Луѓето немаат што да јадат, а неговата вратоврска е неколку илјади евра. Онака, само за пример.
Членството во НАТО не се заработува со искинати чевли и со понижени војници, туку со професионална армија во која оние што ја чуваат земјата, се достоинствени и горди на својата земја.
Претседател на држава не пишува говор со кој му се додворува на партиски лидер, не обвинува и не дисквалификува, туку ги бара главните поенти и влева почит со својата мудрост и отвореност кон сите што живеат во таа земја.
Иванов „суштината“ на политичката криза ја толкува како да е паднат од Марс, поточно, прави уште еден невешт и попуст обид да го скрие своето ропство на властодршците. Иванов е, всушност, узурпатор! Тој не е дел од решението, туку е дел од неволјата со која се носи Македонија со години.
Единствената институција во земјава која функционира е СЈО. Тој се дрзна да го брани својот нелогичен и дрзок акт, и да го нарече, уште еднаш, обид да спречи граѓански конфликт. И зборува за владеењето на правото?! Човек кој отворено застана зад кршењето на Уставот и законите, отворено легитимира киднапирање на државата, структурно насилство, политичка дискриминација и изборни кражби.
Се разбира дека ќе ги брани изборните кражби. Инаку, ќе мора да прифати дека е непоканет гостин во вилата на Водно, каде што веќе втор мандат го јаде лебот на оние што се под чизмата на антидемократското владеење во Република Македонија.
Никој, освен тој и неговите стопани, не лицитира со сувереноста и унитарноста на нашата земја. Тој споменува и дека неговиот „став е јасен“. Прво, тој не покажал дека има став, а второ, никогаш не бил јасен, освен во одбраната на своето столче кое му го подари структурата на власт. Па, дури и тогаш, прави гафови кои, да не е на толку одговорна функција, би биле само смешни.
Зборува за терористички напади. Де, нека погледне во истрагата на СЈО за кумановската криза!
Тој ги повикува лидерите на раскараните партии да се помират и да си простат.
Тие, ако се скарани и ако сакаат да се помират и да си простат, тоа е нивна работа. Но, тие што се занимавале со криминал, со корупција, со прикривање на убиства и изборни кражби, мора да одговараат! Единствените професионалци кои се обидуваат да ги докажат и обелоденат тие тешки дела се на удар во неговиот говор.
Накратко, слушнавме уште едно получасовно, очекувано лошо и несмасно брборење на човек, чиј кредибилитет не постои и кој ќе остане запаметен со мудроста дека по декември, ќе дојде јануари. И дека Обама му намигнал.