Ивановски: Владата ја игнорира волјата на граѓан(к)ите

Откако Владата во "Службен весник" ја објави одлуката за продолжување на постапката за реновирање на Трговскиот центар во Скопје во барок, повторно се разбранува јавноста која веќе на референдум гласаше за зачувување на автентичноста на ГТЦ. На таа тема, ЦИВИЛ Медиа, разговараше со архитектот Дејан Ивановски, член на Асоцијацијата на архитекти. 

„По сите активности кои ги презедовме, протести, петиции, дебати, па дури и организирање на референдум, Владата продолжува со својата агенда. Ова само го потврдува нејзиниот игнорантски однос. Но, ние нема да престанеме да се бориме за зачувување на ГТЦ. Тоа што ние, архитектите, можеме да го направиме е - повторно да протестираме и да поттикнеме што поголем број на граѓан(к)и да не поддржат. За правните механизми, оставаме на правниците. Во секој случај, ќе направиме се да не дозволиме барона фазада на ГТЦ", вели Ивановски кој е решителен дека не треба да се остави Владата да го реализира тоа што го наумила.

10422497_693090190809453_3040695743002505588_n

28 декември 2014

Од граѓанската иницијатива "Го сакам ГТЦ", потсетуваат на сите активности кои беа направени за заштита на овој објект.

„Досега пробавме сè за да го заштитиме нашиот сакан ГТЦ. Го гушкавме, го браневме, му пеевме песни, едукативни прошетки, издававме книги, ја обединивме стручната и општа јавност за негово зачувување. Што е најважно, минатата година организиравме референдум каде ГТЦ доби повеќе гласови од било кој политичар или партија претходно", стои во нивното соопштение.

Според нив, системското уништување на градската архитектура претставува поголем вандализам од боењето на објектите изградени со проектот „Скопје 2014".

И од СДСМ, реагираат на новата одлука за промена на изгледот на неколку објекти по кои е препознатлив Скопје.

„Новата лудост на власта на Никола Груевски нема да успее. Граѓаните нема да дозволат Градскиот трговски центар, МОБ и Универзитетската библиотека да ги сменат фасадите во барокни. Пред да има можност да се реализира оваа безумие, ќе дојде до смена на власта на фер и демократски избори. Новата, демократска власт веднаш ќе ги стопира овие криминални проекти", се вели во соопѓтението, во кое СДСМ ги повикува сите домашни и странски градежни компании да не учествуваат на повикот за реконструкција на овие објекти.

ЦИВИЛ - Центар за слобода активно ги поддржа сите активности за заштита на автентичниот изглед на ГТЦ, вршеше мониторинг на референдумот, известуваше на нерегуларностите и притисоците од владејачката партија, а тоа ќе продолжи да го прави и во наредниот период.

Барокот за ГТЦ го осмислија Жарко Чаушевски и Филип Богатинов. Според нивниот проект трговскиот би се надградил за уште еден кат, би се затворил од сите страни и би се направиле влезови со антички столбови, а  на покривот предвидени се три куполи како оние на Собранието и скулптури.

Сегашниот објект на ГТЦ е изграден според идејното решение на професорот Живко Поповски, кој на конкурсот во 1967 година ја добил наградата за проектот. ГТЦ е изграден во 1971 година, од средствата за солидарност по земјотресот на Скопје.