Цивил – Центар за слобода ќе одржи прес конференција по повод проектот „Избери демократија!“ на кој ќе бидат презентирани досегашните и идните активности во рамките на овој проект. Прес конференцијата ќе се одржи утре (вторник, 26 ноември) во просториите на ГЕМ клуб (Стара Чаршија, над клуб Менада), со почеток во 11:30 часот.
Оценката за состојбата на човековите права и слободи во Република Македонија е лоша. Општата состојба во земјата е влошена и поради политичките тензии и кризи, зачестеното етнички мотивирано насилство и острите поделби во општеството. Овие согледувања се основа за проектот „Избери демократија!“ – проект посветен на јакнење на јавната свест за човековите права и слободи, солидарноста и толеранцијата, како и јакнење на граѓанскиот активизам во земјата.
На прес конференцијата ќе упатиме апел до граѓан(к)ите на Република Македонијa да се обратат до Цивил со податоци за повреда на нивните човекови права и слободи и да се приклучат на граѓанските акции кои ќе ги организираме во наредните неколку месеци.
Исто така, ќе ги презентираме и активностите во рамките на кампањата „Кликни за слобода“ посветена на поддршка на колегата Томислав Кежаровски.