Избирачкиот одбор во Теарце ги крши процедурите, ги задржа овластувањата на набљудувачите на ЦИВИЛ

Избирачкиот одбор на избирачкото место 2011 во Теарце каде денеска се прегласува, ги побара и ги задржа овластувањата на набљудувачите на ЦИВИЛ, спротивно на процедурата. На набљудувачите им било кажано дека ќе им бидат вратени по затворањето на избирачкото место.

Повеќе нарушувања на изборната процедура беа нотирани денеска, почнувајќи од самото отворање. Изборниот материјал се средувал до последен миг, така што избирачкото место се отвори со неколкуминутно задоцнување. Нотирано е дека членовите на ИО биле во постојана телефонска комуникација во текот на денот, особено во првиот дел од денот.

УВ ламбите биле неисправни. Првата се расипала во 8:30 часот утринава, додека втората се расипала во 8:55 часот, за во 9:05 да се утврди дека тие, сепак, работат. Осум или повеќе гласачи биле вратени во периодот кога УВ ламбите наводно не работеле. Чудно е тоа како токму овие две ламби не работеа денеска. Се работи за едно избирачко место!

Член на Избирачкиот одбор со висок тон се обратил кон новинарите и ги избркал од избирачкото место, иако тоа, се чини, не важело за една телевизија со национална концесија. Избирачкиот одбор бил немоќен да му помогне на еден гласач кој не бил пронајден на Избирачкиот список, иако претходно го имало на онлајн верзијата.

 

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish