Чувствувам потреба, пред моите колешки и колеги, поддржувачите на ЦИВИЛ и пред македонската јавност, да ги споделам импресиите од денешниот состанок за Избирачкиот список во Државната изборна комисија.
Прво, ова беше многу чуден состанок, најблаго кажано.
Што се однесува до темата Избирачки список, овој документ, очигледно, се наоѓа во лоша состојба, наспроти грчевитите обиди на дел од учесниците на состанокот да прикажат дека тој е прочистен и дека е завршена добра работа.
Понатаму, очигледно е дека ДИК има многу сериозни проблеми и ни оддалеку не е издигнат над теснопартиските интереси, ниту пак оддава впечаток дека таа состојба ќе се подобри во догледно време.
Иако во поканата стоеше дека ова е „првиот состанок на Работната група за Избирачки список со која претседава Државната изборна комисија. На состанокот се поканети претставници од институциите со кои соработува Државната изборна комисија, и тоа Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Државниот завод за статистика, Управата за водење на матични книги, Секретаријатот за европски прашања и Дирекцијата за заштита на лични податоци, четирите најголеми политички партии: ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и ДПА, Амбасадата на САД, Делегацијата на ЕУ, Мисијата на ОБСЕ, ИФЕС, како и невладините организации МОСТ и ЦИВИЛ“, сакам да ги информирам ЦИВИЛ-ите и јавноста дека граѓанските организации седеа во публика и не беа создадени услови за нивно учество.
Некои членови на ДИК, како и претставниците на владејачките партии и оние кои ним им се додворуваат, се обидуваат да ја манипулираат јавноста, како и присутните на состанокот дека бараат конкретни одговори за конкретни забелешки на Избирачкиот список. На состанокот посведочив на високи тонови, арогантно однесување и обиди за манипулации со податоци и состојби.
Конкретните забелешки ги добија и ќе ги добиваат од граѓанските пријави, од извештаите на релевантни организации, од експертската јавност. Време е да се откажат од манипулации и послушноста кон партиските врхушки и да ги прочитаат забелешките.
Време е некој да сфати дека се работи за граѓанките и граѓаните на Република Македонија и фундаменталните човекови права и слободи! Довербата во Избирачкиот список, како и довербата во институциите е сериозно разнишана.
Со високи тонови, ароганција, закани и манипулации нема да ја вратат довербата!
Оваа вест е достапна и на: Albanian