Избирачкиот список повторно на дневен ред

Државната изборна комисија денеска во 13.00 часот, во просториите на ДИК ќе го одржи првиот состанок на Работната група за Избирачкиот список

На состанокот ќе присуствуваат претставници од институциите со кои соработува Државната изборна комисија:  Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Државниот завод за статистика, Управата за водење на матични книги, Секретаријатот за европски прашања и Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Се очекува присуство и на четирите најголеми политички партии: ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, СДСМ и ДПА, Амбасадата на САД, Делегацијата на ЕУ, Мисијата на ОБСЕ и ИФЕС.

Исто така, на првиот состанок на Работната група ќе присуствуваат и претставници на граѓанските организации кои ја мониторираат работата на ДИК, и имаат акредитација за набљудување на изборите, ЦИВИЛ - Центар за слобода и МОСТ.

Избирачкиот список беше една од главните причини за одлагањето на предвремените парламентарни избори, дури два пати. Според СДСМ, Избирачкиот список не е прочистен, и 42.000 гласачи не треба да се дел од истиот. За владејачката ВМРО- ДПМНЕ, списокот на гласачи е во ред.

ЦИВИЛ, во изминатиот период постојано добиваше пријави од граѓанки и граѓани кои сведочеа за недоследности во Избирачкиот список, на кои укажуваше и бараше од ДИК, посветено да работи на целосно прочистување на списокот на гласачи.

ЦМ