ИЗБОРЕН РАПОРТ #14: Продолжува црната кампања, анкетите – пропагандно оружје

Во живо од прес студиото на ЦИВИЛ, 12 октомври 2021, 11:15 часот

Во третата, финална, недела од изборната кампања, од час во час, гледаме само уште повеќе од истото. Собири, митинзи, претставување кандидати и – многу помалку – кандидати, презентации на програми и ветувања, што остварливи, а уште повеќе тешко остварливи или неостварливи… И – неодминливата – црна кампања.

УШТЕ ЕДЕН НАСИЛЕН ИНЦИДЕНТ

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ подготви извештај за уште еден немил, насилен инцидент. На 6 октомври e демолиран автомобилот на носителот на советничката листа на СДСМ за струмичко Ново Село, Иле Илиев, од кое се одземени и неговите лични работи.

Мониторинг тимот на ЦИВИЛ дознава дека во изминатиот период, носителот на советничка листа добивал и заканувачки пораки.

ЦИВИЛ го исконтактира и Ѓорѓе Божинов, кандидат за градоначалник на општина Ново Село од ВМРО-ДПМНЕ кој ги демантира и отфрла обвинувањата дека членови или симпатизери на неговата партија стојат зад инцидентот. Воедно, Божинов и најостро го осуди вандалскиот чин.

Ова досега е четврти насилен инцидент кој се бележи во изданијата на „Изборен рапорт“: бомбата во Шуто Оризари, пукањето во Чаир, тепачката и уништувањето рекламен материјал во Градско.

Мониторингот на ЦИВИЛ, секако, бележи и други помали инциденти кои, ако не се застапени во Рапортот, сигурно ќе бидат дел од извештајот што ќе го презентираме на 15 октомври (петок) во 12:30 часот на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на организацијата.

АНКЕТИТЕ – ПРОПАГАНДНО ОРУЖЈЕ

Вчера беше последен ден кога, според изборните правила, можеше да се објавуваат резултати од анкети и истражувања на јавното мислење. И оваа изборна година, се бележат голем број анкети меѓу кои има и такви со нејасен нарачател и уште помалку јасна методологија.

ЦИВИЛ одамна констатираше и во низа наврати ја алармира јавноста за тоа дека дел од анкетите кои се објавуваат во јавноста, во пресрет на изборните процеси, служат најмалку како информација за јавноста, а најмногу како уште едно оружје во арсеналите на пропагандата.

Затоа, организацијата ги советува граѓанките и граѓаните, како и во случајот со дезинформациите, така и во случајот со одделни анкети, да внимаваат на изворите и методологиите со кои се спроведуваат анкетите. Исто така, треба да се внимава и на медиумските извори во кои, често, толкувањата на резултатите од анкетите не соодветствуваат со вистинските резултати.

ЦРНАТА ПРОПАГАНДА ПРОДОЛЖУВА

Црната пропаганда со дезинформации и говор на омразата продолжува. Во тој контекст е и крајно неумесниот „перформанс“ на агилните десетина членови на Левица пред Могилата на непобедените во Прилеп, по повод 11 Октомври, Денот на народното востание.

Оваа насилничка постапка беше искористена за уште еден бран говор на омразата на социјалните мрежи и во дел од медиумите.

ЦИВИЛ се придружува кон острите изрази на осуда и отфрлање на ваквиот начин на политички постапки и јавна комуникација, особено кога се работи за државни симболи и датуми важни за сите граѓанки и граѓани.

КРШЕЊЕ НА ПРЕПОРАКИТЕ И ПРОТОКОЛИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19

За почитување на препораките и протоколите за заштита од КОВИД-19 и да не говориме. Мониторингот на ЦИВИЛ секојдневно бележи по најмалку два случаи на грубо кршење на препораките и протоколите, во кои станува очигледно дека дел од политичките партии, едноставно, не се загрижени за јавното здравје.

ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ

КРАТКИ НОЗЕ Голем број дезинформации и манипулации се бележат во извештаите на долгорочните набљудувачи и мониторинг тимот на ЦИВИЛ. Селекција од „најдобрите“ случаи ќе гледате во урнебесното шоу за соголување на ноторните лаги и манипулации „Кратки нозе“ со колегата Петрит Сарачини и тимот на ЦИВИЛ МЕДИА.

ОБУКА Утре, 13 октомври (среда), во 17 часот, ќе се одржи онлајн обука за краткорочните набљудувачи, како продолжение на обуките започнати минатиот викенд во Скопје.

ИЗВЕШТАЈ В петок, 15 октомври, со почеток во 12 часот, ЦИВИЛ ќе го презентира Извештајот од долгорочниот изборен мониторинг и препораките на организацијата, во живо, со почеток во 12:30 часот на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на организацијата.

*

Остануваат уште три и пол дена до крајот на оваа изборна кампања, а потоа, на полноќ, в сабота на 16 октомври настапува изборен молк кој никој нема да го почитува и гласањето за претставнички и, за жал, далеку помалку претставнички на локалната власт, на 17 октомври.

Џабир Дерала, во соработка со Мониторинг тимот на ЦИВИЛ
Камера: Атанас Петровски
Реализација: Ариан Мехмети

Оваа вест е достапна и на: English