Во живо од прес студиото на ЦИВИЛ, 12 октомври 2021, 13:00 часот
ЦИВИЛ го следи изборниот процес и преку својата медиумска платформа на македонски, албански и англиски јазик. Како одговорна организација и одговорна медиумска платформа, ЦИВИЛ, без сензационализам и без трка по кликови и комерцијална добивка, придонесува изборниот процес да биде претставен на пристоен и достоинствен начин. Се прават максимални напори, нарушувањата во изборните практики и повредите на гласачкото право навремено да се откријат и да се обелоденат во јавноста. Еден таков придонес е и овој Изборен рапорт.
МЕДИУМСКА ЗАСТАПЕНОСТ – НЕФЕР РАСПРЕДЕЛБА
Медиумската застапеност на независните кандидатки и кандидати е минимална. Според упатството за платено политичко рекламирање од АВМУ, подготвено според соодветниот закон, распределбата на медиумскиот простор за независните кандидатски листи е нерамномерна. Па така, од 9 минути и 30 секунди во текот на еден час, 4 минути се обезбедени за СДСМ и ДУИ, 4 за ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата за Албанците, 1 минута за останатите парламентарни политички партии, а само 30 секунди за вонпарламентарните партии и независните листи.
Носителите на независните кандидатски листи и помалите партии континуирано ја критикуваа оваа нерамномерна распределба во текот на изборната кампања. Точна е констатацијата дека оваа распределба ги доведува во нефер положба особено оние што ќе се обидат самостојно да ја придобијат наклоноста на гласачите и мора да биде дел од идната фаза на реформите во изборниот систем и изборните практики.
ПРЕТСТАВКИ ДО ДИК И НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ
Независните „Шанса за Центар“ со ЦИВИЛ споделија информации и за нивните претставки до ДИК и до Народниот правобранител. На 20 и 23 септември, „Шанса за Центар“ од ДИК бара:
1) На гласачкото ливче да бидат содржани симболот и целосниот назив на независната листа „Шанса за Центар“ Јана Белчева-Андреевска, онака како што листата е именувана и потврдена со решение од Општинската изборна комисија за општина Центар, како и согласно чл. 97 од Изборниот законик;
2) Да им биде доставен извод од Избирачкиот список за општина Центар согласно чл. 55 од Изборниот законик.
Според претставникот на „Шанса за Центар“ со кој стапивме во контакт, овие барања не се задоволени. „Шанса за Центар“ поднеле претставка и до Народниот правобранител, но до овој момент, не е познато дали пристигнал било каков одговор од оваа институција.
На гласачкото ливче, според решението на ДИК, ќе стои „група избирачи Јана Белчева-Андреевска“. Според „Шанса за Центар“, „несоодветното именување на листата би можело да има последици по однос на препознатливоста на листата од страна на гласачите“.
И пристапот до Избирачкиот список е оневозможен за „Шанса за Центар“. Оттаму велат дека „интегритетот на изборниот процес, а со тоа и активното и пасивното избирачко право, е нарушен доколку пристапот до овој документ им се овозможува само за политичките партии“.
Пристапот до Избирачкиот список е предвиден во Изборниот законик, со цел да се овозможи подобро планирање и спроведување на кампањата. Според претставката до Народниот правобранител, ова право е оневозможено за листата „Шанса за Центар“.
РОДОВО БАЗИРАН ГОВОР НА ОМРАЗА
Продолжува црната кампања на социјалните мрежи и во дел од медиумите.
Навистина, добра вест е дека страницата на Фејсбук која објавуваше родово базиран говор на омраза, навреди и вулгарни содржини, а која беше наменета за поддршка на кандидатот на Левица за градоначалник на Шуто Оризари – веќе не постои.
Сепак, голем број други профили и страници на социјалните мрежи, па и дел од медиумите, во континуитет објавуваат родово базиран говор на омразата.
ОСУДА НА РОДОВО БАЗИРАНИОТ ГОВОР НА ОМРАЗА
Со згрозување и остра осуда, ЦИВИЛ ја следи црната кампања која се води против жените кои се појавија на кандидатските листи за локалните избори. Не постои родов баланс на листите, што ќе се одрази и на застапеноста на жените во раководните структури на локалната самоуправа.
Уште еднаш, во изборниот процес сведочиме за машката доминација во македонската политика. Згора на тоа, малкуте жени што се вклучени во изборната трка на локалните избори, се мета на говор на омразата, вулгарни дисквалификации, тотални измислици за секс скандали, навреди, клевети и повици за насилство.
Ваквата криминална практика насочена против жените во политиката мора да престане, бидејќи, во најмала рака, претставува обесхрабрување за нивно вклучување во политиката и во општествените процеси.
ПОВИК ДО ИНСТИТУЦИИТЕ
Црната кампања воопшто е составен дел од изборниот процес.
Затоа, ЦИВИЛ ги повикува релевантните институции да преземат итни мерки за пронаоѓање и санкционирање на центрите кои организираат, поттикнува и/или спонзорираат вакви грозоморни содржини во јавната комуникација.
Граѓанките и граѓаните, медиумите и граѓанските организации се повикани да ги осудат и отфрлат ваквите крајно негативни појави во јавниот дискурс и да ни се приклучат во повиците за справување со црната кампања соодветно на законите.
СПОРНО ВИДЕО СО ДИСКРИМИНАТОРСКИ РЕЧНИК
Вниманието на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ го привлече промотивно видео од „Зелен хуман град“ во кое една од кандидатките од советничката листа имаше дискриминаторски речник на адреса на неколку ранливи групи.
Вчера „Зелен хуман град“ го повлекоа спорното видео под притисок на прогресивната јавност.
ЦИВИЛ го поздравува овој потег, но предупредува во иднина, сите кандидатки и кандидати, барем во финишот на изборната трка да се воздржуваат од дискриминаторски и навредлив говор кон сите општествени и социјални групи.
БЛАГОДАРНОСТ ЗА ПОДДРШКАТА И СОРАБОТКАТА
Во ова издание (број 16) од редовниот видео рапорт на ЦИВИЛ посветен на изборниот процес, сакам да им заблагодарам на сите граѓанки и граѓани за довербата, поддршката и секојдневниот придонес преку укажувања, информации и ставови што ги споделуваат со нас во нивните пораки.
Исто така, во името на ЦИВИЛ, сакам да им изразам благодарност на сите набљудувачи кои и во овие сложени услови, повторно ни се приклучија во граѓанскиот мониторинг на изборниот процес. Чест е да се биде дел од ваква голема и посветена екипа.
Секако, благодарност и на сите заинтересирани кои не добија позитивен одговор за влез во тимовите за изборно набљудување. Одлични кандидатки и кандидати не можевме да ги вклучиме поради високата конкуренција. Ги молиме да останат во контакт со ЦИВИЛ, имаме уште многу заеднички активности пред нас.
МОНИТОРИНГОТ НА ЦИВИЛ
Денеска, во 17.30 часот, ќе се одржи уште една онлајн обука за преостанатите набљудувачи на ЦИВИЛ.
Утре ЦИВИЛ ќе го презентира својот Извештај од долгорочното набљудување во 12:30, во живо, на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на организацијата. Со претходна најава, можно е вклучување на презентацијата и со физичко присуство со максимално почитување на мерките за заштита од КОВИД-19. Заинтересираните новинарки и новинари ќе имаат можност и за вклучување преку Зум.
ЦИВИЛ ќе го набљудува Денот на гласањето со околу 300 краткорочни мобилни набљудувачи.
Прес центарот на ЦИВИЛ ќе отвори во 6 часот на утро на 17 октомври и ќе функционира до после полноќ наредниот ден. Првата прес конференција, според првичниот план, ќе биде емитувано во живо, во 10 часот наутро, а потоа редовно ќе биде онлајн со информации од теренот на секои два до три часа, но и со вонредни вклучувања во живо.
На граѓанките ќе им бидат достапни две онлајн апликации за пријавување на нерегуларности, на веб страниците www.slobodniizbori.info и Граѓанската пријава на www.civilmedia.mk на која има и банер кој води до пријавата. Воедно, ќе биде отворена и телефонската линија 02/5209176, а за комуникација со организацијата може да послужи и месинџерот на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ.
Џабир Дерала, во соработка со Мониторинг тимот на ЦИВИЛ
Камера: Атанас Петровски
Реализација: Ариан Мехмети
Оваа вест е достапна и на: English