Изборен рапорт (3): Борба на живот и смрт, лаги и навреди кон граѓанските организации, рокот за аплицирање во ЦИВИЛ истекува утре

РОКОТ ЗА АПЛИЦИРАЊЕ ЗА КРАТКОРОЧНИ НАБЉУДУВАЧИ ИСТЕКУВА УТРЕ ВО 17 ЧАСОТ

Утре, на 30 септември, во 17 часот, истекува рокот за пријавување на заинтересираните да станат краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Конкуренцијата е висока, апликациите се квалитетни, така што одговорните за селекција имаат навистина тешка задача да ги одберат најдобрите. Сите што аплицирале ќе добијат одговор на 3 октомври. Повеќе информации и линкови во текстуалниот дел од Изборниот рапорт што ќе биде објавен веднаш по ова видео издание.

КАМПАЊА: БОРБА НА ЖИВОТ И СМРТ

На самиот старт, може да се констатира дека изборната кампања е извонредно динамична, со жестоко темпо за сите учесници во изборната трка. Може да се констатира дека во изборната кампања се вклучени сите ресурси на политичките партии, почнувајќи од општинските партиски комитети до лидерите и високите функционери на политичките партии. Очигледно е дека локалните избори повторно добија карактер како да се води борба на живот и смрт – политичка, се разбира.

Од говорниците ширум земјата во првите два дена од кампањата се слуша остар вокабулар, но и досетки и подбив на сметка на политичките противници. Некои се духовити, некои не. Сѐ на сѐ, во првите два дена сведочиме за уште една кампања за локални избори во која доминираат политичарите и лидерите на национално ниво.

Останува препорака на ЦИВИЛ е да се намали присуството на високи владини функционери, раководителите на државните институции, партиските лидери кои не се во изборната трка за локална власт, затоа што, едноставно, се работи за локални избори.

ЈАЗИЧНА ГРЕШКА

Потсмев и критика, но и говор на омраза се бележи на социјалните мрежи и во дел од медиумите, поради јазичната грешка на главниот слоган на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, „Создади нова иднина“. Според лингвистите, се работи за грешка. Заповеден начин од глаголот создаде е создај/создајте. Критиката е добредојдена за сите теми, но ЦИВИЛ повикува на воздржување од говор на омраза на социјалните мрежи.

НАВРЕДИ, КЛЕВЕТИ И ГОВОР НА ОМРАЗА ВО МЕДИУМИТЕ

Наспроти сите професионални стандарди и етиката, дел од медиумите кои се познати како ноторни креатори и дистрибутери на дезинформации и говор на омраза, продолжуваат со црна кампања од која не изостануваат ниту напади и дикредитација на сметка на граѓанските организации и професионалните медиуми.

Таков е случајот со емисијата „Што не е јасно?“ на Алфа ТВ на 27 септември, каде што гостуваше Драган Павловиќ – Латас кој изнесе ноторни невистини и груби навреди на сметка на граѓанските организации и медиумите.

ЦИВИЛ ги повикува релевантните институции и саморегулаторните тела да преземат соодветни чекори за заштита на човековите права и на достоинството на луѓето кои работат во организациите на граѓанското општество.

Ова не е единствен случај во кој се бележи систематско и оркестрирано водење црна кампања против граѓанското општество, а која добива на интензитет токму во периоди кога се одвиваат важни процеси и настани во земјата.

ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦА

Во првите два дена се бележат неколку случаи на политичка злоупотреба на деца, во онлајн кампањите со фотографии и видео содржини во продукција на партиите Демократска унија за интеграција и Алијансата за Албанците.

Спотот на лидерот на ДУИ каде што тој му се обраќа на дете, како и спонзорираната содржина на Фејсбук од кандидатот за градоначалник на Гостива, Невзат Бејта, претставуваат политичка злоупотреба на децата.

Силна препорака на ЦИВИЛ е политичките партии, нивните членови и поддржувачи, да не ги инволвираат децата во политичката кампања. Да потсетиме на Законот за заштита на децата, Член 12 став 4 од Законот за заштита на децата во кој се вели: „Се забранува злоупотреба на децата поради политичко и верско организирање и дејствување“.

Ова, според нашите правни експерти, подразбира општа забрана за употреба на децата во било каква форма на политичко дејствување, вклучувајќи и политичка изборна кампања.

ПРАВНИТЕ ЕКСПЕРТИ НА ЦИВИЛ СЕ НА РАСПОЛАГАЊЕ ЗА ОДГОВОРИ НА СИТЕ ПРАШАЊА

Правните експерти во состав на Мониторинг тимот на ЦИВИЛ се на располагање да дадат одговори на прашањата, пред сѐ, од граѓанките и граѓаните, како и од други засегнати страни, како што се граѓански организации, независни кандидати, институции и политички партии.

Од прашањата кои пристигнаа на адреса на организацијата, го издвојуваме прашањето на една граѓанка која ни пишува:

Независна советничка листа сака да номинира лице за набљудувач, кое е веќе избрано во избирачки одбор. Дали ако биде пријавено како набљудувач, ќе му престане функцијата на член во избирачкиот одбор или тоа не е можно?

Нашиот правен тим излезе со одговор:

„Изборот и составот на Избирачките одбори се регулира во член 38 од Изборниот законик. Според нашето мислење, едно исто лице не може да биде и набљудувач и член на избирачки одбор во исто време. Ако е веќе член на избирачки одбор, Државната изборна комисија не треба да му издаде овластување за набљудувач на тоа лице.“

На прашањето, врз која основа се избираат членови во избирачките одбори, одговорот повторно е во истиот член 38 од Изборниот законик, односно дека тој се формира така што тројца членови се избираат по случаен избор од редовите на администрацијата, а двајца се по предлог од политичките партии кои освоиле најмногу гласови на претходните избори.

 

Оваа вест е достапна и на: English