По изјавата на премиерот Зоран Заев, дека поднесува оставка на премиерската позиција, Северна Македонија и официјално влегува во политичка криза со несогледливи последици. Изјавата доаѓа по изборниот пораз на СДСМ на локалните избори.
Уредите добри, системот не профункционира
Без оглед на неуморното инсистирање на првиот човек на ДИК дека се беше в ред и дека e спроведен беспрекорен изборен процес, тоа не е точно или барем – не е целосно точно. Изборната администрација не беше спремна по многу основи. Уредите за биометриска идентификација на гласачите (фингерпринт апаратите) не функционираа, не затоа што беа лоши самите уреди, туку затоа што системот беше далеку од подготвен.
Според извештај од избирачко место во Кисела Вода, од 70 гласачи, само 19 немале проблем со фингерпринт апаратите.
Непознат број гласачи го напуштија избирачкото место
Неуспехот да се стават во целосна функција фингерпринт апаратите остави навистина темна дамка на целиот процес. Се работи за илјадници случаи. Не може да се процени штетата што ја предизвика оваа несреќна околност, во смисла на повреда на правото на глас. Непознат број граѓанки и граѓани, едноставно, се откажаа од чекање во редиците за гласање што се создадоа поради нефункционалноста на уредите.
Неконзистентен Изборен законик и измени во последен миг
На тоа, неизоставно мора да се надоврзат и сите неконзистентности на Изборниот законик, како и други слабости поврзани со начинот на кој работеше изборната администрација на пониските нивоа (избирачки одбори).
Изборниот законик доживеа уште една измена на само еден месец пред гласањето. Се менуваа, па се повлекуваа промени во подзаконските акти на пет, односно на четири дена пред самото гласање за вториот круг. Премногу пати имаше „случаен“ или „несреќен“ стек на околности, за сето тоа да биде случајност.
Слободни, фер и демократски избори, но со многу црни пари во кампања
Иако е општо усвоена оценка на изборниот процес во целина е дека ова беше уште еден во серијата слободни, фер и демократски, неизбежни се прашањата за тоа како толкава сума црни пари „течеше“ низ земјава. По изјавата од премиерот за црната кампања и врз основа на фактите што произлегуваат од мониторингот на теренот, неминовно се наметнуваат прашања и очекувања од институциите.
Главно прашање е дали имале сознанија за криминалот поврзан со политичкото финансирање. Ако имале сознанија, треба да одговорат зошто тоа не било спречено. Ако немале сознанија, уште поважен е одговорот на прашањата за капацитетите, а особено компетенциите.
Црна кампања и кршење на изборниот молк
Грубо кршење на изборниот молк се бележи буквално од првата минута по неговото настапување на полноќ, 30 октомври.
Политичките субјекти се впуштија во интензивна операција за оцрнување на политичкиот противник, како да се работи за смртен непријател. Во оваа операција предничеше ВМРО-ДПМНЕ, која на теренот манифестираше беспримерна агресивност.
Видео снимките објавени на социјалните мрежи и во дел од медиумите се сведоштво за заканувачки настап кон граѓанките и граѓаните, како во случајот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во Кочани дрско и заканувачки им се обрати на насобраните луѓе.
Уредникот на порталот инфомакс, познат по своите ноторни дезинформации и говор на омразата се впушти и во закани со убивање во снимка што одеше во живо на социјалните мрежи.
Најчести нерегуларности нотирани во мониторингот на ЦИВИЛ
Мониторингот на цивил забележа голем број случаи на притисоци и злоупотреби, дезинформации и говор на омраза,
Понатаму, се бележат десетина случаи на попречување на гласањето, повеќе од 20 случаи на повреда на тајноста на гласањето, како и триесетина досега обработени случаи на попречување на работата на набљудувачите на ЦИВИЛ, што е невообичаен тренд во споредба со претходните изборни процеси. документирани се десетина случаи на непристапност на гласачките места, а во два случаи се бележи индикација за изборен поткуп (случаите се во фаза на обработка). Семејното и групно гласање се бележи во повеќе од 10 случаи, како и славеничко пукање на повеќе локации низ Скопје, според досега обработените податоци.
Внесувањето на извештаите и нивната верификација е во тек. За сите наоди детално ќе ја информираме јавноста во текот на наредните денови.
Џабир Дерала во соработка со Мониторинг тим на ЦИВИЛ
Камера: Атанас Петровски
Реализација и монтажа: Ариан Мехмети
Оваа вест е достапна и на: English