Изборен рапорт #4: Динамична, често некоректна кампања, но без случаи на притисоци и закани како во минатото

Четврти ден од официјалната изборна кампања за локалните избори. Партиите цврсто газат според своите агенди и ниту дождот не може да ги спречи да излезат на терен и да им се додворуваат на граѓанките и граѓаните, секој колку може и знае.

Генерално, се бележи динамична, често некоректна кампања, но во голема мерка вообичаена изборна кампања. Не се забележани случаи на притисоци, уцени, закани и други појави кои во минатото беа дел од предизборната атмосфера во нашата земја. Сепак, мониторинг тимот на ЦИВИЛ, има доста работа.

ЗЛОУПОТРЕБА НА ОГНЕНО ОРУЖЈЕ

На отворањето на партиски штаб во Чаир, се бележи пукање од огнено оружје, на 28 септември во присуство на високи партиски функционери.

ЦИВИЛ ја користи оваа прилика да упати категорично барање од политичките партии да им укажат на своите членови и поддржувачи да не посегнуваат кон злоупотреба на оружјето. Цивил бара од релевантните институции остро да реагираат и да ги санкционираат одговорните на овој случај.

КРШЕЊЕ НА МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19

Алармантно е ниското ниво на почитување на заштитните мерки од КОВИД-19. Во извештаите од теренот, се бележи кршење на КОВИД-мерките од партиите ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

ЦИВИЛ апелира до сите граѓанки и граѓани да се придржуваат кон мерките за заштита од КОВИД-19, а партиите да обезбедат услови за дистанца, средства за дезинфекција и заштитни маски.

ЦРНА КАМПАЊА ПРОТИВ ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО

Се уште нема реакција од релевантните институции, агенцијата за медиуми и саморегулаторните тела во медиумите за грубите навреди и невистини што беа искажани во ТВ Алфа за време на гостувањето на Драган Павловиќ – Латас во емисијата „Што не е јасно?“ на првиот ден на изборната кампања, 27 септември.

Денеска, тимот на ЦИВИЛ ќе поднесе соодветни пријави, кога веќе институциите и, агенцијата за медиуми и саморегулаторните тела немаат време или капацитет да ги земат предвид овие содржини, како што велат, „по допрен глас“. Советот за етика е известен по мејл, но одговор сè уште нема.

Да повториме, мониторингот на ЦИВИЛ бележи систематско и оркестрирано водење црна кампања против граѓанското општество, која добива на интензитет токму во периоди кога се одвиваат важни процеси и настани во земјата.

ДИСКРИМИНАЦИЈА НА ЛИЦЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ

Во интервјуто со претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Бендевска, објавено на ЦИВИЛ МЕДИА денеска (30 септември), јавноста дознава за случај на дискриминација.

Имено, според Бендевска, Антидискриминациска добила претставка од лице со посебни потреби, во количка, со физичка попреченост, во кое укажува дека подрачната канцеларија на ДИК во Карпош, каде што граѓаните можеа да дадат своја поддршка за независни кандидатури, е апсолутно непристапна за лицата со попреченост.

ПОЛИТИЧКА ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦА

Во изминатиот период од шест недели, мониторингот на ЦИВИЛ обработи шест случаи на политичка злоупотреба на деца од политички партии, односно од кандидати. Предничи Демократската унија за интеграција која е застапена со три случаи, а по еден случај на злоупотреба се бележи кај ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Алијансата за Албанците. Повеќе за ова, во посебен прилог кој се подготвува во моментов од Мониторинг тимот на ЦИВИЛ.

ИСТЕКУВА РОКОТ ЗА ПРИЈАВУВАЊЕ НА ПОВИКОТ ЗА КРАТКОРОЧНИ НАБЉУДУВАЧИ

Рокот за пријавување краткорочни набљудувачи на ЦИВИЛ во 17 часот. Им благодариме на сите заинтересирани за довербата и интересот да бидат дел од ЦИВИЛ. Запомнете, без оглед на одговорот од нашата комисија, остануваат уште многу начини за соработка.

НАБЉУДУВАМЕ ЗАЕДНО

На крајот, ги повикуваме граѓанките и граѓаните да пријавуваат нерегуларности, корупција, притисоци и закани, дезинформации, говор на омраза, злоупотреба на деца, дискриминација или друг вид нарушувања или кршење на човековите права и слободи.


ЛИНК ДО ЈУТУБ ВИДЕО: https://youtu.be/JROoCQ9X8PI?t=284
ЛИНК ДО ФБ: https://fb.watch/8lmHVfHvSK/

Оваа вест е достапна и на: English