ИЗБОРЕН РАПОРТ #9: Фејсбук, КОВИД-19, злоупотреби, фингерпринт и селекција на набљудувачите

Деветти ден и деветто издание на „Изборен рапорт“ на ЦИВИЛ во кое се застапени темите за падот на Фејсбук и реакцијата на шефот на Левица, за четвртиот насилен инцидент во кампањата, политичките злоупотреби на децата, препораките за заштита од КОВИД-19, фингерпринт апаратите и селекцијата на изборните набљудувачи на ЦИВИЛ.

ПАДОТ НА ФЕЈСБУК И ШЕФОТ НА ЛЕВИЦА

Вчерашниот ден го одбележа падот на социјалните мрежи и платформи Фејсбук, Инстаграм и Уатсап.

Граѓанките и граѓаните имаа можност барем неколку часа да одморат од интензивните кампањски активности и содржини на политичките партии, како и од нивните меѓусебни препукувања.

Дел од партиите од опозицијата, меѓу кои и шефот на Левица, го искористија овој настан повторно за ширење дезинформации дека падот на Фејсбук се должи на наводна цензура од страна на невладини организации од земјава. Се разбира, ова не е точно, бидејќи падот на платформите беше глобален. Дезинформациите ги следеа коментари во кои се бележи и говор на омраза, како и повици за забрана на неколку организации, меѓу кои и ЦИВИЛ.

ЧЕТВРТИ НАСИЛЕН ИНЦИДЕНТ

Во текот на вчерашниот МВР извести за обид за физички напад со метален предмет врз градоначалникот на Лозово, Ацо Велковски од страна на жител на с. Каратманово кој се случил на 2 октомври 2021. Како што известија од МВР, се преземаат мерки за расчистување на случајот.

По бомбата во дворот на кандидат за советничка листа на СДСМ во Шуто Оризари, тепачка и оштетување на рекламен материјал во Чашка и пукањето пред изборниот штаб на ДУИ во Чаир, ова е четврти инцидент со насилство во изборната кампања.

Цивил апелира до политичките партии и нивните поддржувачи, како и од соодветните институции, да преземат итни мерки за превенција од насилство во изборниот процес.

ПРЕПОРАКИ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19

На митинзите на отворено на партиите во рамки на предизборната кампања, иако нема официјална препорака за носење маска, пожелно е таа да се носи, но и да се создадат услови за барање на сертификатите за вакцинација, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Препораката за носење маски на затворено останува, додаде Филипче. На изборниот ден, потенцира министерот Филипче, постојат протоколи кои се применуваа и на претходните избори.

Мониторингот на ЦИВИЛ бележи случаи на непочитување на протоколите и на препораките за заштита од КОВИД-19 речиси на сите митинзи од речиси сите политички партии.

ПОЛИТИЧКА ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦАТА

Продолжува политичката злоупотреба на деца во кампањски активности на политичките партии. Во текот на вчерашниот ден, мониторинг тимот на ЦИВИЛ забележа уште еден случај на присуство на деца на спортска активност на ДУИ, во која покрај високи партиски функционери и кандидати на изборите, учествуваа и деца.

Злоупотребата на децата во политички и зборни кампањи е забрането според Законот за заштита на децата.

ОДБИВАЊЕ ДЕБАТА ВО ЈАВНОСТА

Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ одбиваат медиумско соочување со нивните противкандидати.

А1он и Макфакс известија дека кандидатката за градоначалник на Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, одбила присуство на дебата со противкандидатите организирана од овие медиуми.

И кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Прилеп, Борче Јовчески одбил предизборно соочување со противкандидатите, кое беше емитувано вчера на Првата програма на националниот сервис НТВ (МТВ).

ДЕБАТИТЕ СЕ СУШТИНСКИ ВАЖНИ ЗА ДЕМОКРАТСКИОТ КАРАКТЕР НА ИЗБОРИТЕ

Овие постапки потсетуваат на владеењето на Груевски, кога речиси цела деценија немаше медиумски дебати меѓу власта и опозицијата.

ЦИВИЛ ги потсетува политичките партии дека предизборните дебати меѓу кандидатите се врвна придобивка на демократијата и можност за граѓаните да направат споредба меѓу аргументите и програмите на кандидатите. Отсуството од вакви дебати ја намалува можноста на граѓаните да направат информиран избор.

Затоа, ЦИВИЛ апелира до кандидатите да учествуваат на овие дебати и да им го овозможат на граѓаните правото на информиран избор, што е еден од базичните принципи за демократски избори. Ако можат партиските лидери Мицкоски и Заев да имаат медиумски соочувања, зошто тоа не би важело за кандидатите на партиите?

ФИНГЕРПРИНТ АПАРАТИ И ОДГОВОРНОСТ

ДИК вчера прими уште повеќе од илјада од терминалите за идентификација преку отпечатоци на прсти, а веќе е започнато и полнењето со податоци од граѓаните на веќе пристигнатите, изјави вчера претседателот на ДИК Александар Даштевски, кој присуствуваше на примопредавањето.

До крајот на неделата треба да пристигнат договорените 4000 терминали што првпат ќе се користат на овие локални избори.

Претседателот на ДИК рече дека Локалните избори ќе бидат добро организирани, но дека не може да гарантира како ќе се одвива техничкиот дел со примена на терминалите за идентификација бидејќи тоа се случува првпат и немало пилот примена.

СЕЛЕКЦИЈА НА ИЗБОРНИТЕ НАБЉУДУВАЧИ НА ЦИВИЛ

Откако заврши процесот на аплицирање, во тек е селекција на краткорочните набљудувачи на ЦИВИЛ, кои ќе го набљудуваат гласањето за локалните избори на 17 октомври.

Сите кандидати ќе бидат известени дали нивните апликации се прифатени или не најдоцна до утре, 6 октомври.

Веднаш потоа ќе следат информации за тоа како и каде ќе се одржат обуките.

Џабир Дерала, во соработка со Мониторинг тимот на ЦИВИЛ
Камера: Атанас Петровски
Реализација: Ариан Мехмети


Изборниот рапорт на ЦИВИЛ се емитува во живо, секој ден во 11:15 часот.
Линкови до преносот во живо:
Јутуб

Фејсбук

Оваа вест е достапна и на: English