Изборите поминаа, уште не се знае кој е одговорен за избирачкиот список!

Препукувањата за тоа каде лежи одговорноста за пропустите во избирачкиот список не престануваат. Една недела по завршувањето на изборите, сѐ уште е неизвесно дали Државната изборна комисија (ДИК) или Министерството за внатрешни работи (МВР) e одговорно за тоа зошто некои граѓани не можеа да се најдат на избирачките списоци, или пак ги имаше на списокот за парламентарните, но не и на оној за претседателските, и обратно.

Околу ова прашање се замеша и народниот правобранител Иџет Мемети, кој во саботното интервју за Радио Слободна Европа рече дека ДИК е институцијата која што е надлежна да изготви ажуриран и квалитетен избирачки список, а тоа не го прави.

„Ќе ви кажам еден карактеристичен случај. Додека во првиот изборен круг за претседателските избори гласал во едно село, во вториот круг гласачот го најдовме на список во друго село, што остава сомнеж и несигурност кај граѓаните дека државата, односно органите за спроведување на изборите, поточно Државната изборна комисија, која е должна да изготвува ажуриран и квалитетен избирачки список, тоа не го прави“, рече Мемети во интервјуто.

Никола Рилковски, претседателот на ДИК вели дека рацете им се врзани кога станува збор за избирачкиот список.

„Буквално, рацете ни се врзани. Можеме да реагираме само на претставки, кога некој ќе дојде да ни се пожали, па тогаш правиме корекции. Инаку, како што ни доаѓа списокот од МВР, ние така го праќаме до Заводот за статистика, каде што се врши техничка и аналитичка обработка. Од матичната евиденција добиваме список на починати и тие веднаш ги бришеме. Од Министерството за правда добиваме список на осудени лица, а од Министерството за труд и социјална политика добиваме информации за внатрешно раселените. Судот ни доставува кои лица се деловно способни. Ние немаме ингеренции да вршиме дополнителна проверка на овие списоци. За да бидеме газди, тогаш треба да ни дозволат да го работиме од почеток до крај, но ете, тоа не се случува“, вели Рилковски.

Од друга страна, портпаролот на МВР Иво Котевски е дециден. Веднаш штом му го поставивме прашањето околу избирачкиот список, тој ни даде одговор – За тоа ќе си прашате во ДИК.

„Одговорноста за избирачкиот список е јасна – тоа е ДИК и тоа го кажа и народниот правобранител. Во законот нема никакви недоречености. Со самото тоа што граѓаните можат електронски да проверат дали се на избирачкиот список на веб-страницата на ДИК, тогаш јасно е дека одговорноста е нивна“, ни рече Котевски.

Членот 41 од Изборниот законик вели дека избирачкиот список го води ДИК. Од друга страна, во членот 43 се предвидува дека МВР доставува до ДИК податоци за граѓаните кои имаат над 18 години, а имаат важечка лична карта, лица кои починале, кои се доселиле или отселиле од одредена општина, кои го промениле името или презимето, кои стекнале или изгубиле државјанство, кои се на привремена работа или престој во странство и така натаму.

Оттаму, отворено останува прашањето дали податоците на МВР се веродостојни и дали во законот има дупки поради кои не може да се лоцира одговорноста за тоа зошто многу граѓани не можеа да го остварат правото на глас.

Мери Јордановска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish