И покрај тоа што изборите завршија уште пред повеќе од 35 дена, Скопје е се уште преплавено со реклами и билборди на претседателски кандидати и на носители на листи.
Билборди со премиерот Никола Груевски можат да се видат во центарот на Скопје, а не изостануваат ниту билбордите што беа поставени во текот на изборната кампања за претседателските избори на кандидатот и актуелен претседател Ѓорге Иванов. Иако во помал број, билборди низ целиот град можат да се видат и од другите политички партии.
Изборниот законик предвидува дека организаторот на изборната кампања е должен во рок од 30 дена да го отстрани сметот од плакатите. Во спротивно, се предвидува изрекување глоба за организаторот на кампањата во износ од 500 до 2.000 евра. Илија Димовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, не одговараше на нашите повици, да објасни од кои причини се уште не се отстранети билбордите.
Познавачите што ги консултиравме велат дека Изборниот законик е нејасен во однос на прашањето на отстранување на билбордите.
„Законот е уреден многу лошо. Не е јасно дали под плакати и смет од плакати се подразбираат и билборди. Не е јасно ниту кој е надлежен за да ја изрече глобата. Она што е јасно е само дека организаторот на кампањата е задолжен да го отстрани сметот, а рекламните агенции да ги тргнат билбордите. Тоа најверојатно не е направено на оние билборди каде што нема замена, па билбордот ќе си стои додека некој друг не го закупи просторот“, објаснува член на Државната изборна комисија.
Џабир Дерала, претседател на Цивил, ги повикува одговорните институции да ги расчистат овие дилеми и да постапат онака како што предвидува законот.
„Ги потсетуваме организаторите на изборната кампања дека согласно член 79 став (2) од Изборниот законик (ИЗ), должни се во рок од 30 дена по завршувањето на изборите да го отстранат сметот од плакатите. Во спротивно, согласно член 185 од ИЗ се предвидува изрекување глоба за прекршок на организаторот на изборната кампања во износ од 500 до 2.000 евра во денарска противвредност, ако во рокот утврден во членот 79 став (2) од овој законик не го отстрани сметот од плакатите. Ги повикуваме одговорните институции на системот да постапат според одредбите од Изборниот законик и на оние кои ќе се констатира дека ги прекршиле да им бидат изречени соодветни мерки", апелира Дерала.
Ова не е првпат граѓаните да бидат опкружени со билборди од политички партии долго време по завршувањето на изборите. На минатите претседателски избори, слика од претседателот Иванов висеше на една станбена зграда во центарот на Скопје цели 10 месеци по завршувањето на изборите. И тогаш медиумите го поставуваа прашањето кој е надлежен да ја тргне огромната слика која се простираше на четири ката од зградата. ВМРО-ДПМНЕ не беше казнета овој случај поради нејаснотиите во Изборниот законик - дали рекламата треба да биде отстранета од страна на организаторот на кампањата или пак од рекламната агенција.
Мери Јордановска