Воведно излагање на Конференцијата за политичка култура и дијалог „Демократски перспективи“ во Скопје, 1 март 2013 година
Цивил – Центар за слобода од ова исто место, на почетокот на втората Национална конференција за политичка култура и дијалог, на 29 март 2011 година, повика на дијалог и почеток на широко политичко помирување во земјата. Тој повик го упативме до сите политички партии врз основа на констатацијата дека политичкиот дијалог не постои и дека земјата влегува во политичка криза.
За жал, бевме ставени во ситуација тој апел да го упатиме уште голем број пати, а тие повици ги темелевме на нашите сознанија од теренската работа и комуникацијата со голем број граѓанки и граѓани на Република Македонија. Каде и да се појавиме како организација, во формална и неформална комуникација и соработка, од граѓанките и граѓаните на Република Македонија, без оглед на нивното убедување или припадност, слушавме дека политичките поделби и тензии се неподносливи и дека мораат да престанат.
Република Македонија веќе подолго време страда од политички турбуленции кои се последица од крајно тензичните односи меѓу политичките партии на власта и опозицијата и отсуството на политики на почитување на човековите права и слободи.
Политичкиот опонент, наместо соговорник, стана лут и непомирлив непријател, повеќе од кога и да е порано.
Ваквите односи во македонската политика кулминираа со добро познатите настани на 24 декември и сé што следеше потоа.
Наша оценка, повеќе пати јавно искажана во изминатиот период, е дека Република Македонија бележи сериозна ерозија на демократијата и владеењето на правото, а кршењето на човековите права и слободи и дискриминацијата по повеќе основи стана секојдневие.
Затоа, сите политички актери во земјата мораат итно да се свртат кон интересите на сите граѓанки и граѓани на Република Македонија и да покажат зрелост во овие тешки денови.
Тоа, меѓу другото, го порачува Цивил и во рамки на својата кампања Слободни и ненасилни избори 2013:
„Крајно време за политичко помирување! Не се работи за вас. Се работи за нас, Граѓаните!“
Придонесот на граѓанското општество
Цивил цврсто стои на убедувањето дека токму граѓанските организации можат да придонесат кон подобрување на состојбата во земјата. Ова е време кога граѓанското општество има уникатна можност да ја преземе улогата која по дефиниција му припаѓа, а тоа е да биде глас на граѓаните. Нема време за мерење на зборовите, потребна е акција и искрено инволвирање на секој добронамерен човек во полза на надминување на оваа криза. Искажувањето на став не смее да биде предмет на етикетирање и дискриминација. Тоа е човеково право загарантирано со закон и Устав.
Цивил и партнерските организации Форум Цивилен Мировен Сервис, Институтот за развој на заедницата Тетово, Ценарот за развој на заедницата Кичево и Фондацијата за развој на локалната заедница Штип, како и низа други, а со финансиска поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, спроведе бројни активности во рамки на проектот Слободни и ненасилни избори почнувајќи од 17 декември.
Нашите активности ги вклучија политичките партии, локалните власти, организациите на граѓанското општество, претставниците на локалните институции, медиумите, лидерите во заедницата и бројни граѓани. Нашите Работни групи за превенција се на теренот и веќе со недели ја набљудуваат политичката ситуација на локално ниво.
Накратко, општ заклучок е дека се наоѓаме во средиштето на крајно проблематичен изборен процес и дека во земјата се негуваат вредности кои не одат во полза на демократско, мултикултурно и слободно општество.
Притисоците, заканите, условувањата и уцените се нешто со кое граѓанките и граѓаните на Република Македонија се соочуваат на секој чекор, на нивните работни места, јавниот простор, во процесот на образованието, во комуникацијата со институциите, па дури и во нивните приватни животи.
Медиумите во контекст на политичката ситуација
Во рамките на овој проект, Цивил започна и секојдневен целосен мониторинг на сите печатени, а ги следи и електронските и интернет медиумите. Од досегашниот мониторинг може да се извлечат неколку заклучоци. Кај дел од медиумите е евидентен позитивниот однос кон една страна и исклучително негативен однос кон другата страна, што резултира и со целосно занемарување на професионалните стандарди и етика.
Понатаму, во оценката на работата на медиумите, тимот за медиа мониторинг на Цивил забележува и дека: „Главните случувања се покриени речиси од секој медиум, меѓутоа во повеќе медиуми може да се забележи придавање преголемо значење на активностите на властите, посебно на локалните (познати како „сечење ленти“ и „фрлање лопати“) со очигледна намера за позитивна промоција на кандидатите на овие избори.“ Во финалниот извештај на проектот Слободни и ненасилни избори Цивил ќе објави и детална анализа на секој од мониторираните медиуми во текот на целиот изборен процес.
Меѓуетничките односи – жртва на политичката криза
Меѓуетничките односи сериозно се нарушени со години. Проблемите кои произлегуваат од неефикасните политики и од незадоволството со состојбите вообичаено се дивертираат преку поттикнување омраза и тензии главно меѓу двете најголеми заедници во земјата, Македонците и Албанците. Консеквентно, дискриминацијата и кршењето на човековите и малцинските права се искачија на институционални нивоа, рефлектирајќи ги определбите на партиските елити, сеејќи предрасуди и омраза на етничка основа.
Во ваква политичка атмосфера, можеме да очекуваме и дополнително влошување на меѓуетничките односи во момент кога сите и најапсурдни оправданија за оваа криза ќе бидат исцрпени.
Обвинувањето на политичките опоненти за предавство стана вообичаен начин на комуникација на политичките елити, во рамки на ист етнички политички блок, додека националистичката реторика е јадро на политичкото однесување меѓу политичките претставници на различните етнички заедници. Еден екстремизам го храни другиот.
Меѓународната заедница позаинтересирана за надминување на кризата отколку домашните актери
Подолго време, а особено по познатите настани од 24 декември, меѓународната заедница испраќа јасни сигнали дека не е рамнодушна кон случувањата во земјава.
Пораките, во текот на овој двомесечен период се јасни – европерспективите на Македонија се загрозени од недостатокот на внатрешен дијалог и отсуство на готовност за изнаоѓање решение за проблемите. Македонија е непријатно изненадување. Одговорноста за кризата секој час се префрла од едната на другата страна, вон секаква логика и надвор од институциите.
Притисокот на меѓународната заедница во последните неколку дена врз нашите политички елити во полза на нашите граѓанки и граѓани е прилично илустративен за тоа кое е нивото на дијалог, односно нивото на политичката култура во земјава. Не е убаво чувството да се гледаат домашните политичари како се однесуваат неодговорно, а странските дипломати да предлагаат решенија кои се едноставни, само доколку се има малку доблест и мудрост. Со други зборови, народот се чувствува одново и одново изневерен кога гледа како странските дипломати покажуваат повеќе грижа за нас отколку нашите лидери.
Излезот од политичката криза е во дијалогот
Политичките партии сносат најголем дел од одговорноста кога станува збор за корените и причините за актуелната политичка криза во земјата.
Од друга страна, Владата ги има сите инструменти да овозможи услови за отпочнување на политичкиот дијалог кој подолго време е замрен. Крајно време е тие инструменти и да ги употреби.
Декларативните повици на дијалог кои доаѓаат од која и да е страна на политичките барикади мора да бидат лишени од квалификации и обиди да се добијат дополнителни политички поени.
Дијалогот мора да се постави на фер основи, со максимална манифестација на политичка волја за јакнење на демократските институции, владеење на правото и доследно почитување на човековите права и слободи.
Затоа, политичките партии во Република Македонија мораат да почнат со меѓусебен разговор. Политичарите мораат да состават итна агенда со која ќе го залечат македонско општество. Час поскоро. Единствениот излез е во дијалогот. Континуиран и конструктивен дијалог во кој политичкиот опонент не е смртен непријател туку потенцијален партнер.
Тоа мора да го направат веднаш. За доброто на сите граѓанки и граѓани на Република Македонија.
Џабир Дерала