Новогодишна порака од ЦИВИЛ
Пред самиот крај на годината, вообичаено е сандачињата да се преполнат со пораки и картички со честитки и желби за успех, среќа, здравје и радост во Новата Година. Организацијата и нејзините претставнички и претставници деновиве се затрупани со такви честитки од организации и институции, локални, национални и меѓународни. На сите нив, секој ЦИВИЛ им возвраќа со голема насмевка и благодарност за вниманието. На сите им ги возвраќаме честитките за успесите и во Новата 2019 година им посакуваме уште повеќе успех, среќа, здравје и радости на персонален и на професионален план. На сите организации и институции им посакуваме исполнети планови со одлични индикатори за вистински, реален успех и најдобри можни достигнувања што го подобруваат животот на луѓето.
ЦИВИЛ секоја година објавува честитка за Нова Година што отскокнува од протоколот и од вообичаените начини на комуникација со јавноста, не заборава да честита и да посака сѐ најубаво, но и да потсети на најгорливите прашања.
Затоа, ЦИВИЛ бара повеќе човекови права и слободи во Новата Година и порачува: „Заедно стоиме, разделени паѓаме“ (United We Stand, Divided We Fall). Кога велиме заедно, мислиме на целосна посветеност на човековите права и слободи на сите граѓанки и граѓани, без оглед на нивното потекло, статус или определба.
Сите заедно сме во потрага по подобар живот, по правда, слобода и еднаквост. Важно е да се сослушаме меѓусебно и да ги оствариме нашите права и слободи, без да ги загрозиме правата и слободите на другите. Тоа можеме да го постигнеме само ако сме заедно, ако бидеме решителни, искрени и храбри.
Драги сограѓанки и сограѓани на Република Македонија,
Изминува година на големи успеси, но и неуспеси, надежи и разочарувања, историски настани, заплети и расплети… Пред нас е уште една важна година за сите нас, година во која ќе биде исклучително важно да бидеме заедно и да не им потклекнеме на лажните вести, говорот на омразата и повиците на насилство.
Среќна Нова!