Извештај за состојбата на човековите права и слободи во Република Македонија

Проект „Избери демократија!“

„Избери демократија!“ е проект за јакнење на јавната свест и граѓански активизам за човековите права, солидарноста и толеранцијата. Една од компонентите на проектот „Избери демократија!“ е собирање и анализа на поединечни и групни случаи на дискриминација, односно повреда/кршење на човековите права и слободи на граѓан(к)ите во Република Македонија.

Цел на проектот е да се зајакне јавната свест за човековите права, солидарноста и толеранцијата во земјата, како и мобилизација на граѓан(к)ите преку граѓански активизам. Граѓан(к)ите и локалните граѓански организации преку граѓански активизам во конкретни јавни настани на специфични теми од областа на човековите права, солидарност и толеранцијата ќе придонесат кон свртување на јавното внимание кон сериозните проблеми кои произлегуваат од погрешните политики, ќе понудат и ќе побараат решенија за проблемите со кои се соочува македонското општество. Јавно ќе се лоцираат вистинските проблеми, но и вистинските причинители за политиките кои грубо ги кршат човековите права, предизвикуваат поделби и ги загрозуваат безбедноста и развојот на Република Македонија.

Главни активности во рамките на проектот се формирање и администрирање на Работни групи за човекови права, солидарност и толеранција (РГЧП); Продукција на кампања за јакнење на јавната свест за локални медиуми и Интернет; Организирање јавни настани на граѓанскиот активизам во 4 града соодветно на потребите; Продукција на е-публикации, вклучително видео продукција.

РГЧП се одговорни за четири пошироки региони во земјата и тоа Велес (централен и источен регион), Битола (јужен регион), Тетово (западен регион) и Скопје (северен регион).

Leaflet March7 MK Општини опфатени со работата на Работните групи за човекови права (РГЧП)

РГЧП Скопје: Аеродром, Арачиново, Бутел, Чаир, Центар, Чучер Сандево, Гази Баба, Ѓорче Петров, Илинден, Карпош, Кисела Вода, Петровец, Сарај, Сопиште, Студеничани, Шуто Оризари, Зелениково, Куманово, Липково, Кратово, Крива Паланка, Ранковце, Старо Нагоричане.

РГЧП – Велес: Велес, Демир Капија, Градско, Кавадарци, Чашка, Неготино, Росоман, Штип, Берово, Чешиново-Облешево, Делчево, Карбинци, Кочани, Лозово, Македонска Каменица, Пехчево, Пробиштип, Свети Николе, Виница, Зрновци, Струмица, Богданци, Босилово, Гевгелија, Конче, Ново Село, Радовиш, Стар Дојран, Валандово, Василево.

РГЧП Битола: Битола, Демир Хисар, Долнени, Кривогаштани, Крушево, Македонски Брод, Могила, Новаци, Прилеп, Ресен, Охрид.

РГЧП Тетово: Тетово, Боговиње, Брвеница, Гостивар, Јегуновце, Маврово и Ростуша, Теарце, Врапчиште, Желино, Кичево, Пласница, Осломеј, Зајас, Вранештица, Другово, Струга, Вевчани, Дебар, Центар Жупа, Дебарца.

 

Методологија

Leaflet March7 ALИзвештајот е подготвен врз основа на информации добиени во форма на изјави, интервјуа и пополнување на Формулари за евиденција на случаи на дискриминација и повреда на човековите права и слободи подготвен специјално за потребите на овој проект.

Формуларот ги исцрпува сите аспекти на градење на случај, со можност соговорникот да остане анонимен, односно неговите/нејзините основни лични податоци да бидат познати само на членот и координаторот на РГЧП, како и на проектниот координатор.

Извори на информации користени за подготовка на овој Извештај беа: 1) членови на Работните групи за човекови права во Скопје, Тетово, Велес и Битола; 2) граѓани, по пат на директна или телефонска комуникација или доставување изјави и информации по пошта, електронски пораки или на јавните настани; 3) соработници и волонтери на Цивил; 4) организации на граѓанското општество; 5) медиуми.

Во одреден број случаи, каде што тоа е можно, извршен е и увид во документацијата поврзани со поединечни и/или групни случаи на дискриминација, односно повреда/кршење на човековите права и слободи.

 

Вовед

Членовите на РГЧП во текот на својата работа регистираа 297 изјави за кршење на човековите права и слободи, односно дискриминација врз различни основи. Од тие случаи, 70 се однесуваат на повеќе лица, особено во случаите на кршење на социјалните права на граѓан(к)ите.

Притоа, во 9 од 10 случаи се работи за кршење на човековите права и слободи од страна на институциите, односно претставници или вработени на тие институции. Во случаи кога инволвираноста на институциите не е очигледна, се забележува отсуство на реакција од соодветните институции, а во дел од случаите се открива охрабрување на дискриминаторски постапки и однесување.

Извештајот за состојбата на човековите права и слободи во Македонија открива сериозни прекршувања практично во сите сите сфери кои се однесуваат на човековите права и слободи. Дискриминацијата и кршењето на човековите права често се повеќекратни. Така, на пример, случаите кои се однесуваат на дискриминацијата врз основа на политичката афилијација, истовремено претставуваат и кршење на работничките права, дискриминација по родова основа или социјален статус.

Понатаму, овој Извештај, врз основа на бројните изјави и констатациите на членовите на РГЧП, открива дека институциите на локално или централно ниво, односно нивниот персонал или менаџерски тим имаат долготрајна пракса на дискриминација и кршење на човековите права. Тоа го прават без особен напор да ги прикријат своите ставови и настап кон граѓан(к)ите корисници на јавните услуги. Се стекнува впечаток дека луѓето се навикнати на оваа состојба и не веруваат дека неправилностите можат да бидат искоренети. Во голем дел од случаите кои се регистрирани, се доаѓа до сознание дека не постои доверба во можноста за институционално решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓан(к)ите. Со исклучок само на 15 случаи кои ги регистрираат членовите на РГЧП, соговорниците сакаат да останат анонимни, односно бараат нивните лични податоци да останат во тајност. Стравот да се проговори за проблемите е забележан во најголем број случаи.

 

 

Случаи на дискриминација и кршење на човековите права и слободи

1. Економски и социјални права

Работни односи во приватни претпријатија и фабрики

Кршење на човековите права по повеќе основи, пред сé, на работничките права се регистрираат во текстилната индустрија во Штип, Тетово и Битола. Според 5 извештаи кои опфаќаат 70 изјави за кршење на работничките права, во текстилните фабрики владеат лоши услови за работа, работното време не е регулирано, односно постојано се работи прекувремено, а често се работи и за време на викендите и на повик, по потреба, без оглед на тоа дали веќе е одработена некоја смена или не. Личниот доход изнесува меѓу 5 и 8 илјади денари месечно, вклучувајќи ги средствата за хранарина и превоз.

Работничките во текстилните фабрики работат во тешки услови за работа. Според сведочењата, тие немаат никакво греење во зимските месеци, провев има од сите страни, така што принудени се да ги покриваат отворите во ѕидовите со најлони. Работат со капи, зимски јакни и шалови, а седат на искривени и искршени столчиња. „Како под отворено небо да работиме“ – се вели во една изјава. Контролорите во погоните постојано им викаат да работат повеќе и побрзо, така што мораат да остануваат прекувремено за да ги исполнат високите норми за производство. Работничките во текстилните фабрики се жалат на влошена здравствена состојба.

Покрај крајно лошите услови за работа, текстилните работнички неретко се вербално, па дури и физички малтретирани. Во 2 извештаи се сведочи и за случаи на сексуално малтретирање и навреди врз родова основа.

Забележливо е дека на најголем дел од работните позиции во текстилните фабрики се жени, додека ретко или никогаш не може да се сретнат во раководните структури (шефови, сменоводители и сл.).

Кршење на работничките права во поголеми фирми и претпријатија се бележат и во 24 изјави на РГЧП кои доаѓаат од Скопје, Охрид, Битола, Охрид, Велес и Куманово. Ниски плати, неплаќање на здравственото осигурување, лоши услови за работа и мобинг се најчестите облици за кои информираат граѓан(к)ите во нивните изјави.

 

 

Откази од работно место

Бркањето од работа е во голема мерка лесна постапка. Во Скопје, Тетово, Битола, Прилеп, Охрид, Велес, Штип, Кочани, Виница и Кавадарци се забележани 30 случаи во кои од работа се бркаат работници без образложение и без отказен рок, со максимално заобиколување на процедурите и законските обврски на работодавачите. Се регистрираат и 4 случаи на откази на работници со работен стаж од над 10 години, за на нивно место да се вработат луѓе без или со малку стаж со што се користи законската можност тие да бидат далеку помалку платени отколку лицата кои имаат подолго работно искуство.

Во 25 извештаи од 9 различни општини се сведочи за тоа дека работниците во приватните претпријатија имаат примања далеку под законски загарантираниот личен доход, односно некои од нив примаат плати и под 6,000 денари месечно. Иако нивните примања, како и условите за работа се под секакво ниво, тие не само што не се осмелуваат да се пожалат, туку дел од нив велат и дека се среќни што има и толку. Секојдневно се принудени да работат прекувремено и ретко кога имаат слободни денови. Постојано се под страв да не ја изгубат и таа работа.

Според изјавите регистрирани во десетина поединечни случаи, исплатата на личните доходи на работниците е нередовна и притоа не им се плаќа здравственото осигурување. На тој начин ја губат можноста да се лекуваат во државни здрвствени установи, односно им се бара гаранција (капар) како во приватна здравствена установа. Во еден од пријавените случаи, дете на вработен на кој претпријатието не му го платило здравственото осигурување, ја скршило раката и за да му пружат здравствена помош, се остава капар од 2,000 денари. Капарот не може да се поврати, затоа што здравственото осигурување не е платено. Според изјавата, ова е случај со повеќето вработени во претпријатието, но тие молчат, бидејќи се плашат дека ќе ја изгубат и таа работа што ја имаат, но и затоа што не гледаат каде би можеле да се пожалат.

 

Право на штрајк

Правото на штрајк е практично непознаница. Во ниеден од случаите кои ги пријавуваат нашите соговорници, работниците во приватните фрими, претпријатија и фабрики не помислиле на штрајк за да ги остварат своите права во доменот на работните односи, поради страв од отказ.

 

Невработени

Статусот невработен, односно правото да се биде на листата на невработени во Агенција за вработување, повлекува и право на социјална и здравствена заштита.

Забележани се 22 случаи на бришење на луѓе од евиденцијата на невработени во 6 општини. „Во денешно време, дури и да бидеш невработен е привилегија“ – се вели во една изјава на лице кое го изгубило статусот на невработен поради доцнење да се пријави во Агенцијата за вработување. „Никогаш не било полесно да се изгуби статусот невработен“ – се жалат нашите соговорници во повеќе општини.

Критериумите за добивање на овој статус се крајно заострени, а секое и најмало доцнење или минорен недостаток на дел од обемната документација која мора редовно да се поднесува повлекува бришење од евиденција и ускратување на основните права на социјална и здравствена заштита. Воедно, набавувањето на потребната документација е усложнето и чини пари, како и превозот до Агенцијата во која мора редовно да се пријавуваат невработените.

 

Стечајни работници

Стечајните работници со кои членовите од РГЧП биле во контакт и од кои се земени изјави, се жалат дека новите мерки на Владата за решавање на статусот на стечајните работници не ги опфаќаат сите. Во 35 случаи кои ги бележат РГЧП во Скопје, Велес, Куманово, Тетово, Битола и Охрид, стечајните работници никогаш не примиле или го губат правото на социјална помош по најразлични основи. Во 5 регистрирани случаи, тие го изгубиле правото на социјална помош, вклучувајќи го и податокот дека, ако имаат и само еден месец работен стаж во последните неколку години.

 

Вработени во администрација и јавни установи

Во Скопје, Велес, Кавадарци, Тетово, Битола, Куманово и Охрид се регистрирани 22 случаи на кршење на човековите права во доменот на работните односи и тоа во најголем дел во просветните и здравствените установи.

Вработените во јавните установи сведочат за малтретирање и изживување на раководниот кадар врз вработените, најразлични забрани и казни кои не се соодветни или воопшто ги нема во законот или во правилниците, наметнување на работни обврски несоодветни на позицијата на вработеното лице, невообичаени дисциплински мерки и правила, како на пример, забрана за излегување надвор од установата за време на паузата.

Според 3 изјави, чест е случајот и со злоупотреба на волонтирањето и стажирањето во јавните установи, продолжување на волонтерскиот стаж и над пет години, неплаќање и експлоатација.

 

Вработување на лица со посебни потреби

Во Скопје, Битола, Охрид и Гевгелија се забележани случаи на дискриминација при вработување на лица со посебни потреби. Во дел од случаите, за да бидат вработени, од лицата со посебни потреби работодавачот побарал потврда дека се работоспособни за да добијат работа.

 

Социјална помош на лица со посебни потреби

Во 2 случаи во Битола и Велес, на лица со посебни потреби кои со инвалидитет се стекнале на работното место не им е доделена инвалидска пензија и биле прогласени за работоспособни.

Во општина Велес забележан е случај работодавец да користи бенефиции од државата за вработување на лица со со посебни потреби. Откако тие бенефиции ги искористил, лицата со посебни потреби кои ги вработил ги избркал од работа.

Според 3 сведочења во различни општини, Центарот за социјални грижи има задача да наоѓа причини за намалување или укинување на социјалната помош за лица со посебни потреби. Најбанална причина како доцнење или недостаток на некој документ може да резултира во мерка укинување на социјална помош за оваа категорија граѓан(к)и.

 

Работни односи во помали фирми

Според сведоштвата забележани во 34 записници кои доаѓаат од 8 градови, вклучувајќи ги Скопје, Битола и Охрид, во помалите приватни фирми, сопствениците и менаџерите спроведуваат самоволие и не ги почитуваат работничките права загарантирани со Законот за работни односи.

Постапките на прием на работното место се крајно проблематични, исплатата на личните доходи често е во готово, без плаќање на надоместоците за социјално, здравствено и пензиско осигурување, а отказ можат да дадат во секое време, без образложение и без особена причина. Во текот на работата, вработените се соочуваат со тешки услови за работа, а при тоа се и жртви на мобинг.

 

Дискриминација по основ на возраст

Регистрирани се 2 случаи во кои се врши дискриминација по основ на возраст во Скопје и Охрид. Во двата случаи се работи за лица, кандидати за вработување со над 40-годишна возраст на кои им е кажано дека се престари за работа.

 

2. Етничка дискриминација

Се забележуваат 35 случаи на етничка дискриминација во сите делови од земјата. Најчести случаи на дискриминација се бележат при вработување. Во 4 случаи се пријавува бркање од работа поради етничката припадност, изјави кои се темелат на претходното однесување на работодавачот.

Граѓан(к)ите се жалат на етничка дискриминација во комуникација со институциите, вклучувајќи го и односот на шалтерските работници во тие институции. Вакви случаи РГЧП бележат во Скопје, Тетово, Штип, Струга и Кавадарци.

Регистриран е еден случај на груба дискриминација и навреди по етничка основа врз лице од турската етничка заедница во една установа на општинско ниво во Штип, како и на еден припадник на албанската етничка заедница во државна институција во Скопје. Повеќе припадници на ромската етничка заедница во 5 општини во Македонија се пожалија на дискриминаторски однос кон нив во комуникацијата со општинските власти, полицијата и училиштата.

Ромите во Кавадарци, особено оние во т.н. ромско маало живеат во мизерни услови и соочени се со секојдневна дискриминација, стереотипи и предрасуди.

Етничка дискриминација на Ромите, како и на Египјаните се забележува и во Ресен. Едно лице во Битола пријави етничка дискриминација врз основа на неговото изјаснување како Бугарин.

 

3. Дискриминација врз основа на родова припадност и сексуална ориентација

Дискриминација врз основа на родовата припадност се регистрира во 20 случаи во 6 општини и тоа во различни форми, почнувајќи од дискриминација и малтретирање на работното место во приватниот сектор, но во 4 случаи и во јавни, односно државни установи/институции.

РГЧП дојдоа до 3 изјави за случаи на дискриминација, навреди и физичко малтретирање врз основа на сексуална ориентација во Скопје и во Тетово. Во еден од тие случаи се сведочи за дискриминација и од страна на јавните установи, вклучувајќи ги здравствените каде е одбиен како пациент.

 

4. Слобода на изразување и медиумски слободи

Според сопствени искажувања, уредникот на веб порталот Мојот град од Кавадарци е под силен политички притисок на првиот човек на општината. Градоначалникот покрена тужби за клевета и навреда против веб порталот и неговиот уредник Ненад Јовановиќ за објавени ставови и новинарски стории за начинот на владеење на локалната самоуправа. Воедно, РГЧП дознава дека на Јовановиќ му се упатувале и вербални закани по телефон од страна на лица вработени во институции на власта, кои од него бараат да престане со објавување на содржини штетни за рејтингот на структурите на власт.

Врз основа на изјава од двајца новинари во една локална ТВ станица, сопствениците вршеле притисок врз новинарите да прават прилози во негативен контекст без основа.

Новинарите во уште 4 медиуми доставија информации за притисоци од сопственичките, односно уредувачките структури за известување спротивно на професионалните стандарди и етиката.

 

5. Верски права

Во 5 изјави од РГЧП во Скопје и Битола кои се однесуваат на скопските општини Аеродром, Чаир и Гази Баба и општина Струга, се говори за кршење на верските права на граѓан(к)ите. Во еден случај регистриран од РГЧП, едно дете од исламска вероисповед било принудувано од наставникот да се крсти.

Во општина Аеродром има поплаки за узурпирање на јавниот простор за верски обреди од страна на црквата, како и од гласните утрински молитви кои се пуштаат на разгласот на црквата. Идентични се поплаките кои доаѓаат од општините Чаир и Струга каде се наведува дека разгласот на џамиите е прегласен.

 

6. Право на здравствена заштита

Во 62 случаи се бележат различни облици на дискриминација и кршење на човековите права, односно правото на здравстена заштита се регистрираат во 9 општини. Според извештаите на РГЧП, во здравствените установи на кои се однесуваат изјавите на граѓан(к)ите, владее вистински хаос. Во повеќе од две третини од случаите се споменува клиентелизмот и корупцијата, а потоа и дискриминацијата по етничка основа, возраст и социјален статус.

Во РГЧП дојдоа и 12 изјави од здравствениот кадар кои сведочат за деградација на професијата заснована на самоволие на менаџерските тимови, Министерството за здравство и Фондот за здравство.

 

Граѓански права

Пречекорување на службените овластувања, полициска бруталност

Различни видови пречекорувања на службените овластувања на припадниците на полицијата доаѓаат од 4 градови во Македонија, вклучувајќи го Скопје, во 13 одделни случаи регистрирани од РГЧП. Лицата од кои членовите на РГЧП земаат изјави под никакви услови не сакаат да ги откријат своите лични податоци од страв дека ќе бидат предмет на понатамошно малтретирање и одмазда.

Во Кавадарци имаме сведоци на претепување на младо момче од страна на двајца полицајци на 11 февруари оваа година. Наспроти лелекот и молбите на момчето да престанат со тепањето, тие продолжиле со ударите, за потоа да го приведат со службеното возило.

Запирање и задржување, легитимирање, испрашување и претрес без објаснување е забележана во 6 изјави. Во 5 случаи се сведочи за полициски службеници во униформа или во цивилна облека кои се однесувале грубо кон лицата кои ги сопреле и им упатувале навреди и/или закани.

Постојат индиции за вообичаено физичко малтретирање, помалку на улиците, но далеку почесто во полициските станици, но оштетените граѓан(к)и не се осмелуваат да поднесат претставка или да тужат, а информациите за ваквите случаи ги даваат со крајна резерва и со видлив страв да не бидат откриени.

 

Истражни и затворски установи

Мерката притвор во Македонија, според повеќе извори, претставува сурова и нехумана казна. Условите во притворското одделение во затворот во Шуто Оризари, како и во затворот Идризово се крајно деградирачки и нехумани. Храната, хигиената, здравствената помош и сместувањето се незамисливо лоши и под сите стандарди на кои државата е обврзана да се придржува. Самите услови во кои се наоѓаат притворените лица и затворениците претставува тортура која ја надминува острината на која и да е казна пропишана со закон.

 

Политички затвореници

Веќе неколку години во Македонија има политички затвореници. Триесетина лица се прогонувани, притворени или издржуваат казна затвор во процеси кои, според Цивил, се очигледно политички мотивирани и претставуваат санкционирање на луѓе кои се осмелиле да се спротивстават на власта. Меѓу другите кои се со постар датум и во кои има лица кои веќе издржуваат строги затворски казни, таков е случајот Шпион во кој се осомничени 19 лица, вклучувајќи го новинарот Зоран Божиновски, случајот на Мирослав Шиповиќ, претседавач на општина Центар, како и случајот на новинарот Томислав Кежаровски. Од наведените бројки, само тројца се бранат од слобода, додека другите се во притвор, односно во домашен притвор.

 

Дискриминација врз основа на политичка афилијација

Дискриминацијата врз основа на политичка афилијација или политички неопределни лица е забележана во 133 случаи во 20 општини низ Македонија. Во голем дел од случаите се наведуваат партиските вработувања и отпуштања во текот на изборниот процес за време на локалните избори во 2013 година, а со наближувањето на изборите во април 2014 година, овој притисок се чувствува уште позасилено.

Забележани се 15 случаи на притисоци врз вработените во администрацијата, вклучувајќи го и наставниот кадар во основни и средни училишта во Скопје, Велес, Битола, Кавадарци, Кочани, Виница, Тетово и Охрид. Работните места на во јавните установи и државните институции се условува со зачленување во владејачката партија.

Врз основа на искази на родители на ученици во училишта во Скопје, Велес, Битола и Кавадарци, присутно е т.н. етикетирање на тие родители кои само се поздравуваат или се во добри односи со „обележани“ наставници, приврзаници или членови на опозициските партии. Овој притисок во 2 случаи се забележува и во односот на дел од наставниот кадар кон учениците во текот на наставата.

Од 4 изјави земени во Скопје, Тетово, Охрид и Велес се дознава дека вработените или кандидатите за вработување се условуваат да донесат изборни гласови од членови на нивните семејства и пошироко.

РГЧП регистрираа 23 изјави за закани за отпуштање од работа поради „политичката неподобност“ не само на вработените, туку и на нивни блиски пријатели или членови од семејството.

Забележани се 4 случаи на деградирање на вработени во администрацијата поради „политичка неподобност“ и тоа во Скопје, Кавадарци и Велес. Издвојуваме два примери за политички мотивирана деградација. Во една јавна установа во Кавадарци, во која раководно лице одбива да вработи партиски кадар по што е деградирано на работна позиција курир во установата. „Солидарност“ - Виница ги одржува гробиштата во градот. Според една изјава, таму се прераспоредуваат на работа луѓето што се политички неистомисленици во претпријатието.

Членовите на РГЧП од целата земја собраа изјави од над 50 граѓани од Скопје, Тетово, Куманово, Велес, Виница, Кочани, Кавадарци, Охрид, Гевгелија и Битола кои тврдат дека вработувањето се врши исклучиво по партиски клуч. Според дел од изјавите, се забележува несоодветната стручна подготвеност на вработените по партиска линија за позициите на кои се поставени.

Според 4 изјави, одреден број луѓе вработени по партиска линија во јавната администрација во Скопје, Тетово и Виница не одат на работа, односно не се распоредени по работни места.

Во една општина во регионите кои ги покрива РГЧП Велес, на едно лице вработено во општинската администрација, за кое постои етикетата „опозиционер“ се обраќаат со зборовите „Кучко една! Сега ќе видиш што ќе се случи со тебе!“.

Врз основа на информациите кои доаѓаат до ЦИВИЛ и РГЧП, останува констатацијата дека дискриминацијата врз основа на политичка афилијација го отежнува безмалку секој аспект на животот на луѓето. Забележани се и 12 случаи на притисоци и дискриминација врз граѓан(к)и кои не членуваат во ниедна партија. Освен што се принудени да се зачленуваат во политичка партија, граѓан(к)ите кои се обратија до Цивил се пожалија дека се ставени во ситуација да мораат да го зачленуваат и целото семејство, роднините и пријателите.

Овој вид дискриминација е најзабележлив во доменот на работните односи и тоа најмногу во редовите на администрацијата на локално и централно ниво, но оваа тенденција е забележана во 6 случаи во приватниот сектор и тоа во Скопје, Прилеп, Велес, Кавадарци и Битола.

Во комуникација со голем број граѓан(к)и во текот на проектот, дознаваме дека дискриминацијата врз основа на политичка афилијација е забележлива и во многу други сегменти на општеството, односно сфери на јавните услуги (образование, здравство, комунални услуги итн.), како и во секојдневието на луѓето, на улица, на јавни места итн. Тоа најилустративно може да се забележи со постоењето на „партиски“ локали во повеќе градови во земјата, особено во помалите места.

 

Право на мирен протест

Кршење на правото на мирен протест во две средни училишта во Прилеп. Соговорникот сведочи за инволвираност на Државниот инспекторат и полицијата кои вршат притисок врз еден од лидерите на средношколските протести во периодот мај-јуни 2013 година.

 

 

Заклучоци и препораки

Состојбата на човековите права и слободи во Република Македонија е лоша. Дискриминацијата и кршењето на човековите права и слободи се масовни и сеприсутни во сите сфери. Работата на терен покажа дека постои голем страв кај луѓето да проговорат за тоа што им се случува. Забележлива е недовербата на граѓан(к)ите во институциите и убедувањето дека тие што се на одговорни позиции настапуваат од позиција на моќ и се потполно неказниви и недопирливи. Институциите на локално и централно ниво се најодговорни за оваа состојба, поради политизараноста од кои последица се погрешните политики и практики.

Одговорните ресори во Владата, како и институциите на локално ниво треба да преземат итни чекори за подобрување на оваа состојба преку доследно спроведување на законите. Воедно, треба да ги зајакнат механизмите за внатрешна контрола и почитување на стандардите во полза на поголема транспарентност и достапност за граѓан(к)ите. Мора час поскоро да се изврши потполна деполитизација на системот, однсоно институциите да станат сервис на сите граѓан(к)и подеднакво.

Медиумите се под силна контрола на структурите на моќ во државата. Слободата на изразувањето и медиумските слободи се од извонредно значење за подобрување на состојбата со човековите права. Затоа, медиумите мора да се ослободат од политичкото влијание и контрола, а на новинарите да им се овозможи непречено да ја вршат својата работа според професионалните стандарди и етика. Тоа ќе придонесе кон јакнење на јавната свест за човековите права и кон транспарентност на институциите.

Економските и социјалните права на сите граѓан(к)и не смее да се жртвуваат по никоја цена, туку мора да се почитуваат во целост и безусловно.

Република Македонија мора да се тргне од листата на малкуте земји со политички затвореници, што значи дека владеењето на правото мора да се воспостави како принцип во вистинска смисла на зборот.

Оваа вест е достапна и на: English