ИЗВЕСТУВАМ БЕЗ СТРАВ И БЕЗ ЦЕНЗУРА e мултимедијален настан посветен на граѓанското новинарство што ЦИВИЛ – Центар за слобода ќе го одржи во соработка со организацијата „За нас се работи“, во Битола, во прекрасниот амбиент на „Рокафана“, на 27 јули (четврток), со почеток во 19:30 часот.
Програмата на ова четиричасовно интензивно дружење вклучува видео проекции и презентации, музика и стихови на слободата. Поканети се сите заинтересирани граѓанки и граѓани, претставници на граѓанското општество и медиумите.
Како и секогаш, микрофонот ќе биде отворен за сите што ќе сакаат да споделат свој став или искуство со јавноста.
Презентациите ќе ги одржи Џабир Дерала, во соработка со тимот на ЦИВИЛ, а на публиката се очекува да им се обратат и домаќините, претставници на организацијата „За нас се работи“.
Тимот на ЦИВИЛ ќе сподели информации за граѓанското новинарство како алатка за мониторинг на случаите на кршење на човековите права и гласачкото право. Видео проекцијата ќе вклучи прилози од акцијата „Барам одговор“, неколку наградени трудови на граѓанските новинарки и новинари, како и најуспешните резултати од кооперативното новинарство, поточно прилози на граѓанските новинар(к)и во соработка со тимот на ЦИВИЛ Медиа. Музичкиот избор ќе биде уникатен, како и сè друго во програмата.
Овој настан е дел од проектот „Граѓански објектив“ – проект за одговорни и транспарентни политички процеси, преку кој ЦИВИЛ даде свој придонес кон развојот на граѓанското новинарство во земјата. Проектот е поддржан од National Endowment for Democracy.