Извештај на СЈО: Во најскоро време може да се очекуваат првите обвиненија!

Специјалното јавно обвинителство денеска, до Собранието и до Советот на јавни обвинители го достави Извештајот за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за период од шест месеци (од 15.09.2015 до 15.03.2016).

Извештајот е структуиран во шест области: Конституирање на СЈО, Административни и оперативни активности, Предметно постапување, Соработка со други државни органи и меѓународни институции, Односи со јавност, Заклучни согледувања.

hjgj

“… во уписникот НСК-КО запишани се вкупно 30 предмети против 80 лица, од кои 29 предмети во 2015 година, против 77 лица и 1 предмет во 2016 година, против 3 лица. Структурата по кривични дела против вкупно 80 лица е следна: 10 лица за кривично дело “Повреда на избирачкото право” од член 159 од КЗ, 37 лица за кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување” од член 353 од КЗ, 12 лица за кривично дело “Повреда на слободата на определување на избирачите” од член 160 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Повреда на тајноста на гласањето” од член 163 од КЗ, 3 лица за кривично дело “Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања” од член 165 –а од КЗ, 1 лице за кривично дело “Злоупотреба на лични податоци “ од член 149 од КЗ, 2 лица за кривично дело “Присилба” од член 139 од КЗ, 6 лица за кривично дело “Неовластено прислушкување и тонско снимање” од член 151 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Шпионажа”  од член 316 од КЗ, 1 лице за кривично дело “Насилство спрема претставници на највисоките државни органи” од член 311 од КЗ, 2 лица за кривично дело “Повреда на рамноправноста на граѓаните” од член 137 од КЗ, 3 лица за кривично дело “Изборна измама” од член 165 од КЗ и 1 лице за кривично дело “Уништување на изборен материјал” од член 164 од КЗ. Покрај за наведените кривични дела, за 10 лица се води и постапка и за кривично дело „Злосторничко здружување“ од член 394 од КЗ.”, стои во соопштението на СЈО.

“На 30.12.2015 година од страна на политичката партија СДСМ до ова Јавно обвинителство доставени се еден хард диск и шест кутии со транскрипти во печатена форма кои што по приемот се сместени во сигурносни сефови кои ги исполнуваат безбедносните стандарди за чување на ваков вид на материјали. На 11.01.2016 година донесов Одлука за формирање на комисија составена од јавни обвинители во ова Јавно обвинителство за попис на примените материјали. Со одлуката го определив начинот за евидентирање на материјалите, како и рокот за завршување на пописот кој беше заклучно до 29.01.2016 година. Но, сепак, имајќи го предвид огромниот број и обем на доставени материјали и тековните обврски на јавните обвинители, откако бев информирана за истото од страна на пописната комисија, донесов нова одлука со која првично утврдениот рок го продолжив до 11.03.2016 година”.

Во извештајот што денеска беше доставен, СЈО се произнесе и за опструкциите со кои се соочувало од конституирањето до денес.

“Со цел натамошно исполнување на моите законски обврски, до јавните обвинителства и судовите испратив барања за доставување на предмети со цел да се произнесам за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство. Би укажала дека ваквите предмети не се предадени на ова Јавно обвинителство, за што следи подетално објаснување во натамошниот текст на извештајот. Ова е особено значајно и од аспект на целосна реализација на општиот работен план и персоналниот план, бидејќи при процената за предметите кои е потребно да се преземат се земаат предвид и бројот на обвинителите кои ми помагаат, како и бројот на вработени лица.”

Како што стои во соопштението, “истражните постапки и предистражните постапки се во тек, а се анализираат и сите материјали што се доставени во електронска и во хартиена форма.”

“Доколку се анализира целиот извештаен период и активностите на ова Јавно обвинителство, може да се заклучи дека ова Јавно обвинителство фактички функционира нешто повеќе од три месеци… Предметното постапување на ова Јавно обвинителство говори дека во извештајниот период започнати се многу предистражни постапки, од кои дел се во поодмината фаза, а дел поминаа и во фаза на истрага. Воедно, за краток временски период, преземени се голем број процесни и административни дејствија. Анализата на работата на ова Јавно обвинителство во извештајниот период јасно покажува дека во најскоро време може да се очекуваат и првите обвиненија.

Иако во извештајниот период ова Јавно обвинителство наиде на проблеми во остварување на соработка со правосудните и други институции, изразувам уверување дека во периодот што следи ова соработка ќе биде унапредена и сите тела државни органи и институции надлежни за спроведување на закони ќе обезбедат помош, по барање на ова Јавно обвинителство, согласно со Законот за кривична постапка”, се вели во заклучните согледувања.

СЈО во своето соопштение, покрај извештај за досега сработеното, најавува и што може да се очекува како резултат на нивната работа во наредниот период.

“Во следниот шестмесечен период, во фокусот на работата ќе бидат отворените предистражни постапки, отворените истраги, како и преслушувањето на материјалите, при што ќе бидат издвоени приватните разговори, а акцент ќе биде ставен на детектирање на можни криминални активности, имајќи ги предвид законските одредби и јавниот интерес на Република Македонија”.

Како што е наведено во соопштението, без разлика што доставувањето на извештајот е законска обврска на СЈО, тие очекуваат на овој начин да се наметне стандард на сите институции од правосудството за јавно и транспарентно поднесување на извештаи за работењето.

“Нашата мисија е истражување и гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со цел спроведување на правдата преку принципот на владеење на правото. Ова Јавно обвинителство секогаш ќе се раководи од принципот на еднаквост на граѓаните, стремејќи се да ја зголеми довербата на граѓаните во правосудниот систем преку транспарентно и независно постапување, за што гарант е автономноста на ова Јавно обвинителство.”, е наведено во заклучокот со кој завршува извештајот.

yfjk

За сите информации поврзани со работата на Специјалното јавно обвинителство, од денеска достапна е веб страницата www.jonsk.mk.