Една година - Студентски пленум

Револтот од Законот за високо образование, изгласан преку ноќ, со кој беше деградирано високото образование, експлодираше низ едногласното студентско „НЕ“ за таквата одлука која значеше продолжување на лошите реформи во образованието.

Пред една година, на 22 октомври, се одржа првата средба на Студентскиот пленум на која се донесе одлука дека е крајно време не само за активирање на студентите во креирањето на политики што го уредуваат нивното студирање, туку и за борба за враќање на автономноста на универзитетите.

„Штета е што политичките лидери не можеа преку ноќ да изгласаат и дека ќе ги средат руинираните студентски домови во кои живеат нашите колеги. Штета е што истите тие изгласаа дека е поважно палмите да имаат тушеви отколку студентите. Штета е што студентскиот стандард е мизерен, истовремено милиони денари се инвестираа во споменици, тркала и бродови кои не пловат...“,  стои во повикот на Студентскиот пленум.

Токму од овие причини и поради континуираното игнорирање на Министерството за образование и наука, Студентскиот пленум повикува на симболично обележување на годишнината на студентското движење, во четврток, на платото на УКИМ, на деветата студентска средба.

„Време е повторно да го омасовиме Студентскиот пленум и заедно да се бориме за нашите студентски права! Дојдете и приклучете се!“, повикуваат студентите.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги  поддржува студентите во нивната борба, која истовремено е борба  на сите граѓан(к)и во Македонија за човекови права и слободи, демократско општество, социјална правда и еднаквост.