Ексклузивни содржини на промоцијата и изложбата „Дисквалификувана демократија“

Публикацијата Избори 2014: Дисквалификувана демократија во издание на Цивил ќе биде промовирана денеска (8 јули) во ГЕМ клуб (Стара Чаршија) со почеток во 12 часот. Публикацијата е дело на авторите Сашо Орданоски, Џабир Дерала, Сандра Гавриловска, Мери Јордановска, Петар Стојковиќ, како и на соработничката екипа составена од членовите на проектниот тим на Цивил, меѓу кои се и Фросина Митрушева, Билјана Јордановска, Арбана Ќерими, Џелал Хоџиќ, Стефан Урџановски, Бунјамин Камбери, Кате Христовска, Соња Ефтовска, Горан Наумовски.

Публикацијата опфаќа извештај и анализа на изборниот процес и општата политичка состојба во земјата, анализи на правните аспекти на нерегуларностите, медиумите и пропагандата. Во публикацијата се откриваат детали за методологијата на Цивил во спроведувањето на проектот, како и влијанието на Цивил во интернет просторот.

Промоцијата на публикацијата е придружена и со изложби. Ќе бидат изложени артефакти во поставката креирана во соработка со Филип Јовановски и Никола Писарев. Ќе биде поставена и стрип изложба од Игор Стевковски – Стевац. На промоцијата, ексклузивно ќе се проектира извадок од документарниот филм од Фаик Грбовиќ, автор од Македонија кој веќе две децении живее и работи во Лондон.

Освен анализите и извештаите, во публикацијата се поместени и бројни стрип илустрации од Игор Стевковски и документарни фотографии од набљудувачите на теренот.

Цивил продуцира и електронско издание на ДВД кое ја содржи публикацијата на македонски, албански и англиски јазик, како и детален дневник на настани во контекст на македонските избори. Во ДВД изданието се поместени и 42 видео прилози и фотографии кои ја документираат работата на Цивил во текот на овој обемен проект.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish