Експерти и политичари на дебата на ЦИВИЛ за предизвиците во изборниот процес

На дебатата „Предизвиците во изборниот процес во Република Македонија“, која ќе се одржи утре, на 11 ноември со почеток во 12 часот во хотелот „Сити Парк“ во Скопје, говорници ќе бидат Драган Малиновски - поранешен претседател на Државната комисија за спречување на корупција, Малинка Ристевска - Јорданова од Институтот за европска политика, Миша Поповиќ од Институтот за демократија - Социетас Цивилис, Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики и Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

На дебатата, покрај ставовите на панелистите, ќе бидат проследени видео-изјави на претставниците на неколку политички партии и коалиции, Петре Шилегов, Павле Трајанов, Стојанче Ангелов и Беким Фазлиу, кои одговарат на идентични прашања поврзани со изборниот процес и политичката корупција. Можност за учество во дискусијата, преку прашања и коментари, ќе имат и останатите учесници на настанот, претставници на политички партии, граѓански организации, меѓународни институции и медиуми, кои ги третират овие прашања од различни аспекти.

Дебатата е дел од Караванот на слободата, кој во изминативе неколку месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, вклучувајќи концерти, уметнички работилници, поетски и театарски перформанси, како и дебати и дискусии кои опфаќаат различни културни и општествени прашања кои се важни за граѓаните.

Караванот на слободата е патувачки фестивал, организиран од ЦИВИЛ – Центарот за слобода и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност и граѓанското учество. Тој е динамичен мултимедијален проект, кој го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.

Оваа вест е достапна и на: Albanian