Етичко информирање - само на хартија

Професионално, објективно, избалансирано и непристрасно известување, за голем дел од медиумите во државата се принципи кон кои тие се придржуваат само на хартија. И покрај тоа што пред еден  месец, повеќе од 90 медиуми ја потпишаа Повелбата за етичко известување за изборите, постојано пристигнуваат жалби до Советот за етика во медиумите, за известувањето на одделни медиуми.

Ова беше посочено како проблем на денешната прес-конференција на Советот за етика во медиумите. Тенденциите во медиумското известување, во корелација со анализата на Институтот за комуникациски студии, укажуваат дека дел од медиумите и одделни новинари, продолжуваат да се ставаат во служба на политички и други центри на моќ, отфрлајќи ги новинарските правила.

13

Според директорката на Советот, Марина Тунева, продолжуваат  “трендови на фаворизирање и демонизирање на политички субјекти, пропагандистичко информирање, уреднички манипулации и ставање на стари изјави во некои нови контексти.”

Од 20 жалби кои пристигнале на адресата на Советот изминатиот месец, во “11 случаи станува збор за неточно, нефер известување, нарушување на приватноста и клевети, а во 6 случаи за нефер и неточно информирање“, изјави Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби.

14

До Советот не се испратени жалби за говор на омраза, но последниот пример во кој Агенцијата за медиуми ја обвинува ТВ Канал 5, за ширење на омраза и дискриминација кон ЛГБТ заедницата, покажува дека во одделни медиуми во земјата, редовно можат да се најдат случаи на известување кое во себе содржи и говор на омраза.

Според Советот за етика во медиумите продолжува саморегулацијата да биде од основно значење, бидејќи „нема повисок закон во новинарството од тоа да се кажува вистината и да се известува балансирано“.

Оваа вест е достапна и на: Albanian