Европскиот суд за човекови права деновиве пресуди дека е незаконски владата на една држава да ги прислушува масовно граѓаните. Во судењето кое не доби никаков публицитет во Унгарија, Судот донесе одлука дека унгарската Влада го прекршила членот 8 од Европската конвенција за човекови права (правото на приватност), бидејќи не успеала да обезбеди “доволно прецизни, ефективни и разбирливи” мерки кои би го ограничиле прислушувањето, само на граѓани осомничени за криминал.
Според Националниот акт за безбедност од 2011-та, министерот на една влада има право да одобри полициско набљудување и прислушување само ако е во прашање националната безбедност. Овој закон не ги објаснува условите под кои може да се изврши набљудувањето. Министерот има право да нареди набљудувањето да се врши 90 дена, со можност за продолжување од исто толку денови.
Унгарскиот случај не е единствен, ниту прв од овој вид. Двајца унгарски активисти, Мате Сабо и Беатрикс Виши, во 2014-та ја тужеа унгарската Влада бидејќи ги загрозила нивните човекови права. Судот во нивниот случај донесе одлука дека унгарскиот закон не обезбедил гаранција против злоупотреба на човековото право на приватност и се изјасни дека унгарската Влада би требало да го интерпретира законот потесно и да “провери дали постојат доволно причини за пресретнување на комуникациите на одредени лица во секој одделен случај”.
Или, со други зборови, секој одделен случај мора да се разгледа внимателно и одлуката која ќе се донесе да биде приспособена кон тој индивидуален случај. Тоа се разбира би било невозможно ако законот дозволува да биде извршено масовно набљудување.
Судот за човекови права во унгарскиот случај, се повика неколку пати и на неодамнешниот случај во Русија, кога во декември, руската Влада беше обвинета за прекршување на истиот член 8 од Европската конвенција за човекови права (правото на приватност, односно за масовно прислушување на телефоните на граѓаните. Во тој случај, Роман Захаров се пожалил дека рускиот закон ја нарушил неговата приватност бидејќи мобилните оператори имале опрема со која непречено ги пресретнувале сите негови повици.
За случајот на Захаров одлучуваше Големиот судски совет на ЕСЧП, а за неодамнешниот случај во Унгарија, судиите се повикаа на Четвртиот оддел, но пресудата е обврзувачка за сите европски земји. Четвртиот оддел е дел од ЕКЧП, кој ја опфаќа Велика Британија, а одлуката најверојатно ќе влијае врз контроверзните закони кои Владата на Велика Британија во моментов се обидува да ги донесе, а со кои би биле овозможени слични масовни надзори под контрола на еден министер.
Овој месец голем број од сегашните мерки предложени во Велика Британија, речиси сигурно ќе го прекршат членот 8. Треба да се напомене дека одлуката не забранува следење на граѓаните, ниту бара судски надзор над таквите наредби за набљудување. Но, сосема е јасно дека таквиот надзор мора да биде насочен кон индивидуи и да не се користи пошироко.
Во таа смисла, и во комбинација со „Случајот Захаров“, се чини дека Европскиот суд за човекови права настапи категорично против масовен надзор. Одлуката на ЕСЧП не може да ја запре Владата на Велика Британија да донесе законски акти со кои овозможува масовен надзор. Но, тоа значи и дека Велика Британија, речиси сигурно ќе одговара пред ЕКЧП, доколку биде утврдено дека ја прекршила Европската конвенција. Владата на Велика Британија, се разбира, може да продолжи да ја игнорира пресудата, но така ќе се соочи со казни и со тоа ќе ги наруши меѓународната положба и углед.
Каде во оваа сфера е Македонија?
Од осамостојувањето до денес, Македонија ја потресоа низа шпионски афери и скандали со незаконско прислушување: „Сина птица“, „Дувло“, „Шаклев“, „Големото уво“, „Шпион“, и најновата, „Пуч“. Само „Големото уво“ од правен аспект имаше завршница. За сите други предмети, пријавите и наодите се во обвинителните фиоки или во некој државен подрум. Ваквата пракса само ја оддалечува Македонија од вредностите и залагањата на Европската унија.
Според чл. 9 од Законот за следење на комуникациите, наредба за следење на комуникациите за откривање и гонење на сторители на кривични дела во Македонија, донесува надлежниот судија, по барање на јавен обвинител, на сопствена иницијатива или на предлог на полицискиот службеник на МВР, односно, на припадници на Финансиската полиција и на Царината. Според чл.260 од Законот за кривичната постапка, траењето на овој тип на следење на комуникациите може да трае најмногу 14 месеци.
Во Македонија единствен надзор над работата на операторите врши Агенцијата за електронски комуникации и тоа само кога овластениот орган ќе го побара тоа (член 175, став 10, Закон за електронски комуникации).
Тоа значи дека токму државната служба е таа која треба да побара надзор над операторот за следење на комуникациите кое таа го врши. Кога станува збор за надзорот врз законитоста на спроведувањето на овластувањата на Управата за безбедност и контраразузнавање - УБК и следењето на комуникациите од МВР и МО, тоа е во надлежност на Комисијата за надзор над работата на УБК и на Агенцијата за разузнавање при Собранието на Македонија и на Комисијата за надзор над спроведувањето на мерките за следење на комуникациите од МВР и МО. Досегашната практика покажа дека овој надзор во Македонија е неспроведлив.
Според информациите кои ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во Македонија во изминативе четири години биле прислушувани телефонските разговори над 20.000 лица, главно личностивијателни во општеството, но и обични граѓани. Тие константно биле предмет на незаконско следење и прислушување од власта, кое траело во некои случаи и по 18 месеци, со што бил прекршен член 260 од Законот за кривичната постапка.
Подготвила: Биљана Еверет
Оваа вест е достапна и на: English