Како да го остварите гласачкото право ако ве нема во Избирачкиот список?

Во пресрет на изборниот ден, а со очекувања дека постои можност граѓанките и граѓаните да не можат да го остварат своето право на глас, се поставува прашањето колку едукацијата на избирачките одбори и овој пат ќе биде ефективна, со оглед дека во повеќе случаи, на денот на гласање во првиот круг потфрлија.

Изгледа дека Државната изборна комисија успеа конечно да ги послуша препораките на ЦИВИЛ да се најде решение граѓанките и граѓаните што се избришани од евиденцијата, не по нивна вина,  сепак да можат да си го остварат своето право на глас.

Процедуралното решавање случаи на неостварено гласачко право, не ги оправдува недостатоците во Избирачкиот список, но треба на некој начин да ги коригира пропустите што веќе се направени.

Доколку гласачот, со исправна лична карта или пасош не се најде во изводот на Избирачкиот список, избирачкиот одбор е должен да се јави во Општинската Изборна комисија.

ОИК ги споредува двата изводи, едниот од Избирачкото место и тој што се наоѓа кај нив, а може да изврши и електронска проверка на Избирачкиот список. Ако гласачот е заведен во изводот на друго избирачко место, се упатува таму да го ствари своето право на глас.

Во случај, при споредбата гласачот повторно да не е пронајден, се пријавува во ДИК. Од таму се бара решение и начин за остварување на гласачкото право.

Доколку на гласачот не му се овозможи гласање, според Изборниот законик, во рок од 24 часа, може да поднесе приговор до ДИК, а таа е должна во рок од 4 часа да одговори по приговорот.

Во зависност од одлуката на ДИК, гласачот може да поднесе тужба до Уравниот суд во рок од 24 часа.

И покрај тоа што поднесувањето на приговорот е по брза пошта, како што е наведено во Изборниот законик, а времето на поднесување се смета од времето на предавањето на пратката, препорака на ЦИВИЛ е доколку гласачот е во можност, лично да го остави приговорот во Државната изборна комисија.

ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да ги пријават сите нерегуларности, а особено повредата на гласачкото право. Ставот на организацијата е дека државата и институциите се должни да го обезбедат правото на глас на ефикасен, брз и едноставен начин, соодветно на Уставот на Република Македонија.

Биљана Јордановска