Како ќе коалицираат партиите на етничките Албанци во Македонија?

Ќе има ли партија со најголем број освоени пратенички места на овие избори, или на коалициите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе им припаднат по 50 пратенички места во составот на новиот парламент? Оваа дилема ќе биде јасна, по прегласувањето што во недела, на 25-ти декември, ќе се одржи во тетовското село Теарце на Избирачкото место 2011 во Шестата изборна единица.

Според првичната симулација на ДИК, освоени 51 пратенички места на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, се резултат на водството што оваа коалиција го има со 307 гласови пред коалицијата предводена од СДСМ, која првично, има резервирани 49 места во новото Собрание.

Пресудата на Управниот суд, која практично значи прифаќање на приговорот на СДСМ, за изборни нерегуларности на ова избирачко место, го отвора прашањето, за кого ќе го дадат својот глас во недела, евидентираните 714 граѓан(к)и во Избирачкиот список.

Не само партиите од македонскиот блок, туку и партиите на етничките Албанци во Македонија се фокусирани кон Теарце. Од изборните резултати на ова гласачко место ќе зависат и коалициите на албанските партии: ДУИ, ДПА, „Алијанса за Албанците“ и Беса.

Од ДУИ одбиваат да дадат каков и да било коментар околу можните коалиции со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ, но и со партиите на етничките Албанци.

bujar
„Чекаме потврда на резултатите од прегласувањето во Теарце, па ќе изградиме став. Дотогаш немаме никаков коментар“, изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ.

Од Демократската партија на Албанците (ДПА) не добивме никаков одговор за можните коалиции.

afrim-gaschi
Портпаролот на Беса, Африм Гаши одби за ЦИВИЛ да ги соопшти партиските ставови.
„Нашите ставови сме ги пренеле јавно и немаме ништо да додадеме“, рече Гаши.
Деновиве, Гаши изјави дека Беса „не може да коалицира со луѓе што се длабоко навлезени во криминални и коруптивни зделки. Но, ако и таму се сменат работите, ако на чело на таа партија дојде нова екипа, нови, неизвалкани личности, тогаш вреди да се разговара и со нив“.

mg_1307

Според лидерот на Беса, Биљал Касими „Подобра варијанта за Македонија, би била една широка коалиција, која би изгласала една реформаторска влада, која би ја вратила Македонија во евроинтеграциските процеси“. А, потоа нова парламентарна гарнитура, би имала мандат да изгласа политичка влада.
Од Унитети, велат дека нема да коалицираат со партија чии што политичари имаат криминално досие.
„Гласачите во Теарце, сами нека одлучат за кого ќе го дадат својот глас. Ние од овој момент не можеме да кажеме со кого ќе коалицираме. Но, јасно е дека не се можни коалиции со партии со политичари со криминално досие“, изјави Зулфи Адили, потпретседателот на Унитети, една од партиите-членки на коалицијата „Алијанса за Албанците“.

 

Дехран Муратов
Моника Талеска