По текстот за тримесечното доцнење на платите на градежните работници кои работат на изградбата на автопатот Кичево – Охрид, најавуван како „највисоката инфраструктурна инвестиција во последните 50 години во Македонија“, реагираа граѓани на Кичево и на селото Кнежино, тврдејќи дека предизборната приказна има и други негативни страни.
Кичевчани реагираат до ЦИВИЛ, тврдејќи дека со изградбата на автопатот Кичево - Охрид е поткопан патот што води кон спортско-рекреативниот центар Кнежино, а со тоа и патот до истоименото кичевско село.
„Патот за Кнежино е поткопан, нема никаква заштита, може да се случи хаварија, доколку се влошат временските услови, овој пат може секој момент да падне. Иако се известени надлежни институции, никој не презема мерки, а патот води и до селото Кнежино“, реагираат кичевчани и кнежинчани, загрижени за сериозниот комунален проблем, што може да ги отсече од цивилизацијата жителите на Кнежино.
И од Општина Кичево потврдуваат дека на патот за Кнежино има свлечиште.
„Ги известивме во ГП ‘Гранит’ која што е надлежна за овој дел од делницата. Очекуваме секој момент, нивни стручни лица, заедно со нашите стручњаци да излезат на терен за да се утврди што е причината за ова свлечиште, но и да се преземат мерки за санација на проблемот. Во моментов, само го обезбедуваме ризичниот терен, за да спречиме несакани последици“, изјави Рамиз Реџепи, секретар на Општина Кичево.
Моника Талеска
Оваа вест е достапна и на: Albanian