Како се издишуваа предизборните балони...

На работниците ангажирани на изградбата на „најзначајниот инфраструктурен објект“, како што беше најавуван пред две години, платата им доцни три месеци. Градежните работници на изградба на автопатот Кичево – Охрид, чекајќи ги платите, се жалат дека не добиле ни адекватен одговор за доцнењето, ни најава кога и како ќе се реши нивниот проблем. Загрижени за својата егзистенција, овие луѓе не знаат како и што понатаму ќе прават. 

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=-5gFSeCs3F0[/youtube]

Иако, нашиот соговорник Амчоски, ни изјави дека платите ги чека од ГП „Бетон“, всушност, на изградба на таа делница на автопатот, како подизведувач на ГП „Гранит“, работи Друштвото за транспорт, градежништво и трговија БЕТОН ПЛУС ДООЕЛ, со седиште во Скопје.

Но, таа фирма, не само што не им исплаќа редовно плата на вработените, туку, со решение бр. 61-5695 од 13 август 2013, кое станало правосилно на 20 септември 2013, Министерството за транспорт и врски и ја одзело Б-лиценцата за изведувач на градби.

Од БЕТОН ПЛУС ДООЕЛ, пак, тврдат дека лиценцата не им е потребна за да бидат ангажирани како подизведувачи за работа на автопатот.

„Немам потреба, да ви кажам дали на работниците сме или не сме им исплатиле плата, зашто не вие, туку ние, им ја исплаќаме платата. А, лиценцата не ни е потребна, нема зошто да плаќаме сега 60.000 денари за лиценца, кога ние сме подизведувачи за `Гранит`. Јас сум управителка на фирмата, но нема што на вас да ви го кажувам моето име и презиме, и нема што со вас да разговарам“, прилично нервозно, ни рече управителката на `БЕТОН ПЛУС` ДООЕЛ во телефонскиот разговор, што самата реши да го прекине, одбивајќи да се претстави.

Сепак, за претставници од еснафот од градежништвото, кои ги контактиравме, е несфатливо како може, фирма без лиценца за градба, да ангажира свои работници во вакви проекти.

Во Централниот регистер на Република Македонија ја добивме тековната состојба на БЕТОН ПЛУС ДООЕЛ од Трговскиот регистар и регистар на други правни лица, според која, сопственичка на Друштвото за транспорт, градежништво и трговија е лицето М.Д. од Визбегово, а приоритетна дејност е – товарен патен транспорт.

Инаку, изградбата на автопатот Кичево - Охрид, започна со големи ѕвона, пред две години, на 22 фебруари 2014-та. Експремиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски го постави камен-темелникот на овој, како што беше речено, „најзначаен инфраструктурен објект за регионот и Западна Македонија“.

„Инвестицијата за овој капитален проект се проценува на околу 375 милиони евра, со што, ова е највисоката инфраструктурна инвестиција во последните 50 години во Македонија“, истакна тогаш, премиерот Груевски, посочувајќи дека средствата се обезбедени со особено поволен кредит од кинеската Ексим банка.

„Според проектот, новиот автопат почнува од Кичево, па преку Подвис, Пресека и Песочани, стигнува до Требеништа. Оттука, преку Подмолје се поврзува со Охрид. Ќе има две ленти со вкупна ширина од 25,2 метри, а на трасата ќе има и 6 натпатници и 13 потпатници, како и тунелот ‘Пресека’ со две цевки. Ќе го гради  кинеската компанија „Сајнохидро корпорејшн лимитед’. Градежните работи ќе почнат истовремено на три локации за да завршат за четири години. Во активностите ќе бидат вклучени и повеќе градежни и други компании од земјава. Согласно договорот, 51 процент од луѓето што ќе работат ќе бидат од Македонија, од општините кои гравитираат околу автопатот“, пренесе, меѓу другото, кичевскиот портал www.kicevo.mk на денот на свеченото започнување на градежните работи.

Свеченоста помина со сета помпа и со најавата за кредибилни градежни фирми и банки вклучени во значајниот проектот. Денес, во суровата реалност, по само две години од фанфарите на Владата на Груевски, се отвораат низа проблеми поврзани со изградбата на оваа делница, а дел од работниците од општините кои гравитираат околу автопатот, веќе три месеци ги чекаат своите заработени пари.

Моника Талеска