Беше тоа година со очекувани рефлексии од претходната. Беше тоа уште една година на предизвици и премрежја, надежи, копнежи и воздишки, година на „ваши“ и „наши“, на омрази и истенчени образи, на преживување на рати и општење со банкомати, на рефреширани рефрени од типот „Туѓината пуста да остане“, „Возот браќа тргнува, право за Германија“ или „Збогум мајко“, на голтање „живи жаби“ и мртви новороденчиња, на катастрофална поплава и поплави од закани, на погани зборови и примитивизам, на политичко превирање и општо амнестирање, година на икони, крстови, ножеви и желба за повампирување на Ќосето.
Беше тоа година на две „вистини“, две обвинителства и промена на две политички бои. Беше тоа година на „мајки“ и „шајки“. За нашите мајки станува збор, од пусто „душегрижништво“ за нашата заедничка мајка, иако таа, не по своја желба, и годинава беше и мајка и маќеа, за кого како. Дури и кога „мајката“ е „татковина“ , излегува дека така е наречена само по нечии татковци. Во тој поглед сме вистински светски раритет. Во оваа земја – мајка, поради „која“ многу лесно ја спомнуваме мајката на опонентот, беше логично да очекуваме избори од трета мајка, не априлски, не јунски, ами декемвриски. Тие беа и поминаа, давајќи ни надеж дека можеби, доаѓа подобро време, со помалку причини за солзи во очите на мајките. Ете, за мајките, толку.
Што правиме со шајките? Што правиме со нештата кои личат на шила, со кои милуваме да ја компарираме вистината? Вистината вели дека шајките ни се заковани по ѕидовите изградени меѓу нас, и ни служат за закачување и откачување на нашите календари. Променивме 25 независни календари, а шајките останаа исти, за да ни бидат сведоци на нашето постоење. Некои болеа помалку, некои болеа повеќе, но последните десеттина, болеа до коска. Едно е повеќе од сигурно, дека календарите ни ги кинеа дамарите. Овој последниот особено често го правеше тоа. Затоа, многумина посакуваат што побргу да ја заборават 2016 година. Зошто? Јас никогаш не би сакал да ја заборавам оваа година. Амнезијата не ни оди во полза. Годината што поминува треба да ја спастриме во колективната меморија, за да нé подучува каков не треба да ни биде односот кон Македонија, кон самите себеси, и каков не треба да ни биде односот на едни кон други
Таа 2016, ќе ја паметам по еден мој неколкудневен престој во Словачка, прекрасна земја која е само двапати поголема од Македонија. Видов земја во која Сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, се почитуваат многу повеќе отколку кај нас. Видов беспрекорно чиста земја во која зеленилото е „закон“. Видов прекрасна архитектура, без трошка стиропор, која „кореспондира“ со времето во кое е создадена. Видов среќни луѓе на чии лица може да се „прочита“ задоволство, исполнетост и спокој.
Интересно е тоа што пред само петнаесеттина години, власта во Словачка била критички настроена кон опозицијата, обвинувајќи ги нејзините луѓе дека се платеници на Сорос. Арно ама, граѓаните на Словачка, размислувајќи со своја глава, се одлучиле довербата да им ја дадат токму на словачките „соросоиди“ (овој измислен збор таму е непознаница), па се случил пресврт во развојот на земјата. Во 2004, Словачка станува членка на ЕУ, а земјата како брзорастечка економија, доживува да стане европски економски „тигар“, со безмалку 9% раст (е нели, ние бевме најдобри на економски план), а невработеноста паѓа на 7%. И еве ја Словачка во оваа, за нас турбулентна, 2016 година, како земја претседавач на Европската унија.
И сега, како може човек да не се запраша, без да биде оквалификуван како предавник, како може Словаците да се и поумни и покултурни и пописмени од нас, кога „ние“ сме ги „описмениле“. Уште колку ќе треба да се помируваме со „Мацедонише цуштенде“ ? Та, нели, сме и ние луѓе, како тие таму?
И ако ме прашувате, како ја преживеав 2016 година, не очекувајте од мене прецизен одговор. Ако ја доживеав, не значи дека сум ја преживеал. Ако таа година убила дел од мене, тоа само значи дека сум жив, но не и преживеан. Баш штета. Јас сум од онаа генерација која растеше со „Бјело дугме“ и со нивната „Доживети стоту“...
(Авторот е поет и новинар)