Кампања: ВМРО-ДПМНЕ денеска во Радовиш и Струмица, ДПА во Чаир, СДСМ со централен митинг во Скопје

И денеска продолжуваат митинзите, средбите со граѓаните, прес-конференциите и трибините на партиите-учеснички на предвремените парламентарни избори

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ денеска ќе одржат митинзи во Радовиш во 17,30 и во Струмица во 20 часот.

СДСМ и коалицијата „За живот во Македонија“ ќе го одржат централниот митинг во Скопје, во 18 часот пред Владата на Република Македонија,

Демократската партија на Албанците во 16,30 ќе одржи средба со граѓаните во скопската општина Чаир, на паркингот пред „Чаирчанка“.

Демократската унија за интеграција во хотелот „Холидеј Ин“ во 11 часот организира конференција на која ќе претстави дел од програмата за економски развој и еднаквост, на која ќе се обратат и носителите на листите на партијата.

Коалицијата „Алијанса за Албанците“ ќе има митинзи во Центар Жупа во 18 часот и во Дебар  во 19 часот.

„Коалицијата за промени и правда“ ќе има средби со граѓаните во Кавадарци, во ресторанот „Бриони“ во 17 часот и во Неготино  во Центарот на култура „Ацо Ѓорчев“ во 19 часот, каде ќе бидат присутни лидерот на ДС, Павле Трајанов, носителот на листата во Четвртата изборна единица, Слободан Богоески, лидерот на ФРОДЕМ и носител во Втората изборна единица Јове Кекеновски...

Носителот на кандидатската листа за Првата изборна единица од коалицијата „ВМРО за Македонија“, Ден Дончев  денеска пред просториите на СЈО ќе даде изјава за медиуми.