Веќе петти ден како се кампува пред Влада. Камперите одлучни и едногласни: „Не си одиме додека не падне оваа власт“. Коалицијата Граѓани за Македонија секојдневно им обезбедува дневна програма. Спорт и рекреација, дебата, музика, настапи и перформанси на активисти и уметници.
Меѓу камперите се и студентите кои на 5 мај масовно излегоа барајќи правда за Мартин Нешковски. Како многу граѓан(к)и, на тој ден, и тие добија поинаква правда. Меѓу притворените има и студенти. Нивното право на искажување незадоволство на мирен начин, преку протест, заврши со агресивно притворање од страна на полицијата.
„Тука сме затоа што не сакаме веќе да ја трпиме оваа тортура. Сакаме младите да останат во својата татковина и тука да просперираат, а не да бегаат надвор од државата и така да си обезбедат подобро утре... Една од многуте причини е што на нашиот другар, кој е во притвор, сакаме да му дадеме поддршка, да знае дека сме тука за него. Тој си го искористи своето право на протест, а беше уапсен и тепан од полицијата.“, изјави нашата соговорничка, студентка, која заедно со своите другари кампува пред Владата во знак на поддршка.
[youtube]https://www.youtube.com/watch?v=XeYNu9Hcci8[/youtube]