Караванот на слободата и граѓанското новинарство

Караванот на слободата во својата богата програма во Велес вклучи и обука за граѓанско новинарство, главната тема на проектот „Граѓански објектив“ што го спроведува ЦИВИЛ - Центар за слобода

Обуката се одржа во Младинскиот парк, кај што петнаесетина млади луѓе имаа можност да научат нешто повеќе за граѓанското новинарство, за условите за учество во проектот на ЦИВИЛ, но и за досега објавените наградени текстови, фото и видео содржини во шесте циклуси на натпреварот „Биди граѓански новинар“.

IMG_0301

Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала ја започна обуката со презентација на состојбата на слободата на изразувањето и медиумските слободи во Република Македонија. Граѓанското новинарство кое е дел од глобалната транзиција на медиумите, во наши услови претставува придонес кон пробивање на медиумскиот мрак кој владее во земјата. Проектот на ЦИВИЛ кој придонесува кон развојот на граѓанското општество, воедно е можност за јавноста да дознае повеќе за кршењето на човековите права и слободи, како и нова, ефикасна алатка за откривање и објавување на случаите на кршење на гласачкото право и специфичен начин за набљудување на политичките и изборните процеси во земјата.

IMG_0314

Синиша Станковиќ, уредникот на ЦИВИЛ Медиа, зборуваше за состојбата со медиумите во државата, за улогата на новинарите и потребата од објективно и независно известување. Тој, исто така, ги претстави и основните правила во новинарството, кои треба да им помогнат на граѓанските новинари при подготвување на прилозите што ќе ги испраќаат во ЦИВИЛ.

IMG_0431

Марија Теговска, како дел од жири комисијата која секој месец одлучува кому да ги додели петте награди, зборуваше за досегашните наградени трудови, за темите за кои известуваат граѓанските новинари и за условите за учество.

По завршување на теоретскиот дел од обуката, која иако се одржа на отворено, предизвика голем интерес и во која се разви плодна дебата меѓу учесниците, тие имаа можност практично да го применат знаењето и на терен да се обидат да подготват прилози, што ќе бидат дел од јулскиот циклус на натпреварот.