На само три дена до избори, во неработен ден, за првпат, службеници „од Социјално“ го посетиле домот на Зоран Кардула, за да направат анкета за подобрување на односот на државата кон лицата со посебни потреби - приматели на паричен надоместок.
„Побараа лично да разговараат со Доменика Кардула, мојата сопруга, бидејќи прима 4.300 денари - паричен додаток. Им објаснив дека жена ми ги добива парите за ќерка ни, Ерато. Побараа да разговараат лично се Ерато, но им објаснив дека не може да зборува затоа што е аутистична и дека за с што ги интересира можам јас да им одговорам. Во суштина, биле погрешно информирани дека сопругата добива социјална помош, а не надоместок за дете со посебни потреби“, вели за ЦИВИЛ Медиа, Зоран Кардула.
Тој додава дека во изминативе три години, колку што Ерато „прима“ паричен додаток, никогаш надлежните не наминале, ниту прашале дали и колку тоа ги покрива нејзините потреби, првично за дефектолог, за придружба до училиште, за логопед, за сензор терапија, за суплементи што мора да ги прима, за анализи кои родителите мора приватно да ги плаќаат, бидејќи никогаш нема реагенси во клиниките, каде може да се изведат - со партиципација.
„Парите што ги примаме за Ерато, не ги покриваат трошоците ниту 1 отсто, но не им ги оставаме. Мене не ми се неопходни тие примања, но има граѓани кои преживуваат со тие пари. Посетителите добиле 'штапска команда', но избрзале, и мислам дека сега се каат, зашто дошле кај нас дома. Ако желбата им беше да ни пратат порака како на семејство активисти - се излажале“, вели Кардула.
Тој истакна дека на само три дена до избори, се работи за класичен притисок врз примателите на паричен додаток или на социјална помош.
Дехран Муратов