Жителите на скопската населба Карпош продолжуваат со нивните протести против уништувањето на зеленилото и промената на деталните урбанистички планови од Општината, кои на неколку локации во оваа наслеба предвидуваат изградба на објекти и паркинзи на местото на зелените површини.
Карпошани и оваа сабота од 12 часот ќе го блокираат булеварот „Партизански одреди“, и ќе се обидат нивниот глас да допре до наделжните во Општината, кои остануваат глуви на протестите и тврдат дека со новите планови нема да се намалат зелените површини и дека тие се за добробит на граѓаните.
„Покажавме дека ‘Карпош’ не молчи, граѓаните се борат за својата средина. Покажавме дека сакаме зеленило, а не згради и урбана мафија. Сакаме урбанистички планови донесени заедно со граѓаните, а не во сомнителна постапка. Затоа, продолжуваме и во сабота, за Карпош, за сите нас! Ги повикуваме сите граѓани да ни се приклучат“, соопштија од граѓанската инцијатива.
Инаку, незадоволните граѓанки и граѓани минатата сабота го блокираа булеварот на раскрсницата кај „Сити Мол“. Најавуваат дека протестите ќе се организираат сé додека не се изменат урбанистичките планови и не се спречи уништувањето на зеленилото во нивната населба.
Оваа вест е достапна и на: Albanian