Катица Јанева: Правдата ќе победи!

Во излагањето на денешната прес-конференција, на која беше обелоденет првиот предмет на Специјалното Јавно обвинителство „Титаник“ за криминализација на изборниот процес за опстојување на власт, обвинителката Катица Јанева, зборуваше и за притисоците на кои е изложен целиот нејзин тим. Во обраќањето до македонската јавност, таа меѓу другото, рече:

Граѓани на Република Македонија!

Законот за Специјалното Јавно обвинителство ме обврзува вас да ве информирам за напредокот во работата на обвинителскиот тим со кој раководам. Вие редовно ќе бидете информирани за текот на истрагата и гонењето на кривичните дела што произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (чл.8).

Преку пратениците во Собранието на Република Македонија, вие одлучивте да се формира Специјалното јавно обвинителство и на негово чело да застанам јас. Од тоа нема поголема чест и поголема обврска во ова најтешко време за Република Македонија од нејзиното осамостојување како независна држава.

Правдата ќе победи, наспроти тешкотиите и заканите што доаѓаат од одредени политички партии и конструираните кривични пријави против мене и моите соработници.

Се чувствувам слободна и цврста, бидејќи на моја страна се Уставот, законите и вашата подршка. Макар сите да молчат, јас нема да молчам.

Катица Јанева

Сите ме охрабруваат и јас да бидам храбра и исправено да стојам пред бурите и ветриштата што му се спротивставуваат на Специјалното Јавно обвинителство уште од самиот почеток на неговата работа.

Ме охрабрува и поддршката на меѓународната заедница. Поддршката е доказ дека нашата борба не е само наша, туку е и борба на целиот демократски свет.

Зарем некој може да биде рамнодушен кога го чита ,,Извештајот на Прибе“ од мај 2015 година, особено делот во кој се зборува за притисокот и недовербата во Јавното обвинителство и во судството?

Подршка добивам и од правната струка, од истакнати судии, обвинители и адвокати.

Мојот тим е отворен за соработка и со правната наука, особено со познати авторитети од областа на судското право и уставното право. И правната наука има што да научи од Специјалното Јавно обвинителство, особено кога е во прашање границата меѓу приватноста и јавниот интерес и нивните меѓусебни односи.

Тимот на СЈО веќе дојде до конкретни резултати со кои пошироката јавност треба да биде запозната. Тоа што е веќе сработено во изминатите неколку месеци, покажува дека тече процесот на врамнотежувањето на етичките и процедуралните обврски одредени со закон и јавниот интерес како највисоко народно добро во Република Македонија.

Граѓани на Република Македонија,

Ве известувам дека Специјалното Јавно обвинителство отвора постапки за десетина кривични дела од областа на изборите и гласањето, слободите и правата на човекот и граѓанинот, општата сигурност и имотот, како и кривични дела против службената должност и државата.

Во оваа фаза доминираат кривичните дела против изборите и гласањето, бидејќи сметаме дека значајно е да се согледаат сите начини на кои се делувало врз изборите, а со цел - во иднина да се спречат злоупотреби и нови кривични дела.

За да може СЈО поуспешно и на време да ги изврши поставените задачи, неопходни се следниве мерки:

Прво, по итна постапка да се дополни Законот за заштитен сведок од гледиште на потребите на СЈО;

Второ, судските процеси пред редовните судови од надлежност на СЈО да се предадат на СЈО без отпор и одоговлекување;

Секој вид отпор ќе биде нотиран во Изввештајот на СЈО што се изготвува на шест месеци и што се доставува на увид на Собранието на Република Македонија;

Трето, Советот на Јавните обвинители на Република Македонија да се придржува стриктно до важечката законска регулатива и целосно да ја почитува автономијата на СЈО.

Опструкцијата ќе продолжи, но ја уверувам јавноста дека истата нема да има негативен ефект врз работата на СЈО“