Кавадарчани разочарани од власта, чекаат избори...

Во Кавадарци живеат околу 30.000 жители, а покрај лозарството, значителен дел од работоспособното население е вработен во германската компанија „Дрекслмаер“. Вработените во таа фирма велат дека земаат плата „и по 15.000“, а некои со дежурства во викенди и со прекувремена работа „и над 20 илјади денари“. Оние кои имаат среќа да бидат вработени, како и земјоделците, главно пред екипата на ЦИВИЛ Медиа, се жалеа дека од утро до мрак се на работа, па живеат според максимата „живеам за да работам“, а не обратно.

На оваа тема, сепак, ретко кој има храброст јавно да говори пред камера. Граѓаните, особено оние вработени „во државно“, стравуваат од притисоци и последици. Велат дека и вака, едвај опстануваат, врзуваат крај со крај, а ако останат и без таа работа,ќе бидат во безизлез.

Но, и пензионерите како Борис Лазов (74), главно, се резигнирани од животот и од македонската реалност. Лазови се шестчлено семејство, а егизистираат од пензиите на Борис и неговата сопруга. Но, тие 24.000 денари,  велат, не се доволни за живот.

Сребрена Ѓорѓиева (59) исто така има шестчлено семејство. Таа се надева дека состојбата целосно во државата ќе се подобри по изборите, зашто, очекува квалитативни промени, во сите сфери од животот.

Во бројните средби со граѓаните во Кавадарци, екипата на ЦИВИЛ Медиа сретна и многу задоволен човек. Димо Пончев има, исто така, шестчлено семејство и такси-служба, во која работат, тој, синот, снаата... И месечно заработуваат високи суми, зашто нивната такси-служба го превезува раководството на „Дрекслмаер“ на релација Кавадарци - Солун и обратно. Па, како што вели Пончов, само за четири години, со парите што ги заработиле, ја реновирале куќата, а тој си купил автомобил, марка мерцедес.

Моника Талеска