Извештај на Рабоната група за превенција за кичевскиот регион, на Конференцијата на Цивил ДЕМОКРАТСКИ ПЕРСПЕКТИВИ, одржана на 1 март во Скопје
Од досегашните активности на терен во Југозападниот регион може да се согледа следното:
Двете најголеми политички партии од коалицијата на централно ниво (ВМРО ДПМНЕ и ДУИ) се активни на терен уште пред да почне официјално кампањата.
ВМРО ДПМНЕ организира средби со граѓаните од различни профили, посетуваат и се среќаваат со невладини организации, религиозни групи, институции, донираат помош за изнемоштени лица во добра. Интензивно работат на инфраструктурни проекти пред да почне официјално кампањата. Организираат трибини, држат пресови и се доста активни по социјалните мрежи.
СДСМ одржа еден протестен митинг во Кичево. Траат постојани разговори на огранокот со тој на ВМРО ДПМНЕ за преќутна поддршка на кандидатот на ВМРО ДПМНЕ за градоначалник на Кичево, и на кандидатите за советници, за да помогнат да не победи на изборите кандидат Албанец.
ДУИ е многу активна во мобилизирањето на албанската дијаспора за да гласаат на локалните избори. Се организираат средби на раководството на партијата со дијаспората во некои земји на Западна Европа и САД.
Дијаспората како никогаш досега е мотивирана и желна да дојде да гласа на овие локални избори. Граѓаните се подвоени според етничката припадност. Припадниците на македонската етничка заедница сметаат дека ќе биде лошо за нив ако локалната власт после локалните избори ќе биде управувана од албанец.
Албанската етничка заедница смета дека ова е историска шанса првпат после втората светска војна да добијат можност да управуваат со средината во која живеат како староседелци и да почнат да ги решаваат потребите на нивната заедница која е маргинализирана и дискриминирана.
Помалите етнички заедници како турската и ромската, се збунети и не знаат како да се определат, за која опција да гласаат на овие избори. Се забележува подвоеност во ставовите на нивните политички лидери и нивна поделба, и тешкотии за проценување на која политичка партија и колација да се приклонат.
Постои неизвеснот во поглед на тоа кој се ќе биде вклучен во избирачкиот список, кој од овој регион на денот кога беше ставен на јавен увид беше скастрен со околу 3.700 гласачи. Кај албанската етничка заедница постои загриженост и недоверба дека во истиот ќе бидат додадени и околу 600 граѓани на Република Албанија кои во последните години имаат добиено македонско државјанство и кои последниве месеци масовно имаат пријавено фиктивни живеалишта во Кичевскиот регион за да можат да гласаат и со тоа да влијаат на конечниот исход на изборите.