Кекеновски: Оваа власт одамна требаше да биде замината!

По вчерашното обраќање на дванаесеттемина пратеници од првиот состав на плуралното Собранието на ;Македонија од 1990-тата, со кое се апелираше до сите политичките партии да се обединат и на претстојните избори да одлучат - „Груевски или Македонија: тоа ќе бидат изборот на следните парламентарни избори!“, ЦИВИЛ Медиа разговараше со Јове Кекеновски од движењето Фронт за демократска Македонија (ФРОДЕМ).

Кекеновски, меѓу другото, изјави дека го поздравува обраќањето на пратениците од 1990-тата, како и дека и ФРОДЕМ и Форумот на слободоумни патриоти се обидуваат да ја вратат партијата ВМРО-ДПМНЕ на членството, а не и понатаму да биде во сопственост на едно семејство!

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=x8o7JPnCg5Q[/youtube]

ЦИВИЛ: Како го оценувате вчерашното обраќање на дванаесеттемина пратеници на првиот состав на Собранието до актуелната власт?

Кекеновски: Најнапред го поздравувам ова обраќање, ова не е прво обраќање, туку пратениците на првиот состав, неколку пати досега реагираа. И тоа е во функција на сите наши заложби, на сите коишто сме учествувале, сме се втемелувале во ВМРО, во неговото етаблирање, претставување во јавноста, меѓутоа и во неговото досегашно опстојување. Соочени и загрижени за тоа каде оди демократијата и каде оди партијата, реагиравме во повеќе наврати, и оттаму, сите вакви и слични соопштенија кои се во функција на редефинирање на политичкиот систем, меѓутоа и во функција на прогрес во внатре партиската демократија, се - за поздравување.

ЦИВИЛ: Со барање на оставка на Груевски реагираше и Форумот за слободоумни патриоти, од кој дел се и основачи на ВМРО-ДПМНЕ. Вашиот коментар?

Кекеновски: Форумот на слободоумни патриоти е наша творба, кога велам - наша, ние први почнавме со создавање на тој Форум на слободоумни патриоти, меѓутоа, кога видовме дека ние однатре, не можеме да направиме нешто посериозно во овој сегмент, ние решивме да се одделиме како ФРОДЕМ и да дејствуваме однадвор. Со тоа што, оние кои што останаа внатре, еден дел – велам, дека се основачи. Меѓутоа, и во ФРОДЕМ има основачи на ВМРО-ДПМНЕ, и решивме секој на свој начин да се бориме. Целта ни е да си замине оваа врхушка на ВМРО-ДПМНЕ и да се обидеме, секој на свој начин, да придонесеме да ја вратиме партијата на вистинските позиции, да ја вратиме идеологијата во партијата, да ја вратиме партијата на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, а не и понатаму да остане во сопственост на едно семејство.

ЦИВИЛ: Каков е ставот на ФРОДЕМ за можноста за одржување на изборите на 5 јуни?

Кекеновски: Во оваа ситуација неблагодарно е да се прогнозира, во секој случај, ФРОДЕМ како здружение на граѓани, ќе се обиде во рамки на  позитивната законска регулатива - да изнајде начин да се појави на овие избори во коалиција со поголем број политички субјекти. Ние работиме на создавање на една, би рекол, политичка сила или трет блок, ако сакате да бидам поконкретен. Чинам дека ќе успееме во тоа, чинам дека ќе ги реализираме нашите заложби да се појавиме на избори, и секако, да имаме успех на изборите, од причина што оваа власт одамна требаше да биде замината. А, од друга страна, да дадеме свој придонес за заминување на оваа политичка и партиска врхушка која ја држи во заложништво нашата држава.

 

Биљана Јордановска

 

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian