Кој е надлежен за изборните нерегуларности?

Државната изборна комисија (ДИК) на својот состанок на 24 март се прогласи за ненадлежно за изборните нерегуларности што ги обелодени опозицијата во изминатите неколку недели. „Јас како претседател ја ставив точката на дневен ред, но дел од членовите сметаа дека разгледувањето на овие материјали не е во надлежност на ДИК. Ова беше ставено на гласање и со мнозинство гласови беше решено дека не е наша надлежност. Побарав и ДИК официјално до Јавното обвинителството да ги препрати материјалите што ги добивме, но и тој предлог не помина“ - изјави Никола Рилковски, претседател на ДИК.

Оваа реакција на ДИК се надоврзува на ставот дека нерегуларностите што ги пријави ЦИВИЛ ноќта по затворањето на гласачките кутии на 27 април 2014, како и детален извештај за нерегуларностите, злоупотребите и кршењето на изборниот закон ден потоа. Ден по изборите, ДИК излезе со ставот: „Од невладината организација Цивил добивме голем број забелешки, но тоа за нас е доставување материјал од информативен карактер. Тоа не се податоци од кои ние конкретно ќе одлучуваме.“

Иако со неколку писма се обративме до ДИК и меѓу другото прашавме што значи изразот „информативен карактер“, до денес не добивме одговор.

ЦИВИЛ, во меѓувреме, излезе со опсежна анализа за изборниот процес во Македонија под наслов Избори 2014: Дисквалификувана демократија. Институциите молчеа, како што молчеа и за извештајот на ЦИВИЛ од локалните избори во 2013 година, под наслов Бескрупулозна борба за власт.

И додека политичките бомби на опозицискиот лидер Зоран Заев предизвикаа силни реакции во домашната и меѓународната јавност, врвни институции и политички фигури во светот реагираат на шокантните информации, а ЦИВИЛ соопшти дека бомбите се уште една горчлива потврда на извештаите – ДИК е ненадлежна. Предлозите на претседателот на ДИК кој го избира опозицијата – едноставно не поминуваат.

Се наметнува прашањето дали е воспоставена контролата и врз ДИК и дали со тоа функцијата претседател, иако е од опозицијата, често е само формална и не може да придонесе кон подобрување на изборните процеси во земјата. Кој во оваа земја е надлежен за сериозните изборни нерегуларности?

ЦИВИЛ продолжува со напорите да придонесе кон подобрување на изборните процеси според демократски стандарди и во одбрана на гласачкот право и човековите права воопшто. Извештај од истражувањето на состојбите со гласачкото право и човековите права во Република Македонија ќе се презентира на дебата свикана идната недела, на 31 март.