Човекот во чие време без припадност и послушност кон партијата не може да се дојде до работа и каков - таков живот, човекот што ги урниса медиумските слободи и слободата на изразување и воведе речиси догматско едноумие, човекот за време на чие владеење се затвараа медиуми и новинари, човекот што ги окупираше речиси сите канали на масовна комуникација и ги користи со години за оцрнување на сите оние кои не мислат како него, „контра“- човекот, повторно блесна во сиот свој „демократски“, ем медиумски сјај. За мега – интервју, мега – блесок. Нема што.
Сјајот и во ова интервју на Груевски е раскошот на неговата бедна култура за јавна комуникација и толерантност кон различните, манифестирана низ нему својствениот паланечки хумор. Обвинувањата на граѓанските организации за секташтво и анегдотите „а ла Грујо“ за „скокање врз програмата на ВМРО“, можеби звучат некому звучат идиотски и смешно, но за жал, тие се далеку од смешни.
Зошто не се смешни? Затоа што тие во реалноста се артикулираат на практичен начин, преку гдомобраните и полицијата на Чавков, медиумски преку мирките, лакташите и милојковците, сармите и буреците, алгетајне јуношите, дополнети со јаките вмровци како Жугиќ или Нонковиќ кои бараат што пластични што вистински куршуми за поинаквите, или слични умствено и интелектуално развиени структури. Тие се ефектуираат во далеку посериозни закани, физичко насилство, напади над домови и семејства на активисти и новинари, апсења, притвори, казни, јавни хајки, и покажуваат во кој правец ќе продолжи да се движи пропагандната машинерија и стратегија на пастирот и началниците. Сигурно не во правец на демократизирање на општеството и државата, или кон пристојна дебата во јавноста и соочување на аргументите.
И сега, кога сме кај нив, аргументите, дали сега граѓанскиот сектор и активистите, онака пристојно и фино, треба да ја лапнат како клен новата „дудинка“, и да аргументираат и спорат околу овие „секташки“ глупости, или околу хонорарите од три, четири море дури и 7.083 денари за уривање на нескршливиот режим на кој не може да му доака ниту цел еден светски заговор. Треба да бидеме рационални и фини наспроти лудилото и криминалот кои не јадат со години?
Не знам зошто не му текнало на Грујо, онака да ги праша поранешниот координатор на „Сорос“, Илија Димовски, или поранешниот член на Управниот одбор на Фондацијата на Сорос во Македонија, Хорхе лично и персонално, да му кажат и нему и нам, по колку пати дневно скокале врз Програма додека биле дел од овие „секташки“ структури? Или, дали, на пример, Тони Михајловски поминал некој специјален секташки ритуал за да добие пари за студиски престој во странство од Сорос? А Грујо, исто може да каже како му било како советник на клетиот УСАИД во Србија, токму пред да стане премиер. И, она што е најважно, дајте побогу да ни го кажат лекот, како од поранешен секташ и лудак се станува нормален, чесен и угледен... крадец, лажго, безумник, крвник на својот народ и криминалец.
Сепак, не, благодариме. Ова што го гледаме и слушаме од Пастирот и неговите подопашници нема да престане, ниту ќе омекне, ниту ќе може да се поправи низ некој јалов процес во кои банка повторно ќе држат началниците. Но, ни збоктиса. Затоа, вчерашниот одговор на граѓанскиот сектор на непристојната понуда за седење на иста маса со ГДОМ е вистинскиот правец. Именувањето на фашизмот и лудилото со неговото вистинско име е вистинскиот правец.
Застанување цврсто и решително против насилството кое само ќе се засилува ако не се адресира - е вистинскиот правец. Затоа, драги мои соборци и сограѓани, да си се зафатиме ние за нашата работа. Оти ова, во отсуство на психијатри во процесот, не може да се лечи, туку ќе мора да се спречи.