Вртам по радио каналите и налетувам на овој радио оглас: „Мала ти е пензијата? Внукот не ти е вработен? И ти сѐ уште не купуваш македонски производи? Чекаш некој од надвор да дојде и да ти го однесе внукот и негде надвор од Македонија да го вработи?! Во фабрика во Чиле да го однесат да работи? Пензионери! Купувајте македонски производи, за да си ги вработите внуците! И да останат блиску до вас... Македонските производи се супер! Македонското е квалитет! Ти одлучуваш за работното место на твојот внук!“.
Значи, до таму дојде работава. Пензионерите се виновни што речиси една третина од населението на Македонија замина во странство во последниве десет години. Според рекламава, внуците на оваа земја заминаа на работа во фабрика во Чиле. Не во Европа, Америка, Австралија...
Кај ли им текна тоа? Не рекоа во Белизе, кај што е фирмата сопственик на едно одвратно радио. Не рекоа ни Зимбабве, бидејќи тамошниот диктатор е пријателче со овие овде. Рекламава ги плаши пензионерите со Чиле. Итро лоцирање, нема што. Пензионерите се сеќаваат на Чиле како на земја, во која владееше воената диктатура на Аугусто Пиноче во државниот удар во 1973 година. Тогаш, денешните пензионери беа млади, а тамошниот режим кој ги забрани марксистите беше озлогласен.
Евтино и арогантно во исто време. И ова е само една ситница од комплексниот и агресивен медиумски напад на партијата на власт. Да не заборавиме, платен со наши пари. Се разбира, по наша глава. Ова може да им биде нов слоган: „Поддржете ја нашата Партијата што ја киднапираше вашата земја! Од ваш џеб, по ваша глава!“
Вртам понатаму по радио каналите и налетувам на партискиот орган – вести на Слободна Македонија (Белизе) и слушам како заменик-министерот за социјала Диме Спасов ќе дава „отчет“ за десет-годишната работа на партијата во секторот труд и социјална политика. Прво партијата даде „отчет“ заедно со господинот пензионер Драган (пишував за тоа минатиот пат), па сега веројатно ќе можеме да очекуваме вакви „отчети“ во рафал. Со особен интерес ќе го проследам „соодветниот отчет“ на Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, осомничени за тешки криминали и кои избегнаа притвор благодарение на партиски послушното судство. Им предлагам на Никола Груевски и компанија да организираат и еден „отчет“ од неговиот братучед Сашо Мијалков. Се разбира.
Оваа агресивна кампања успева да направи само едно: да докаже дека партијата на власт присвоила и нема намера да се откаже од газдување со целата држава. Овие постапки на власта имаат цел да заплашат и да корумпираат, да покажат дека узурпаторите немаат намера да ја ослободат земјата од својата клика.
Политичката кампања, која не може да биде повалкана (или се лажам?) и изборите кои се првенствено симулациска игра за манифестирање на моќ, а не чесен политички натпревар траат со години. Или, доволно долго за и самите протагонисти (узурпаторите), сега се потполно убедени дека не прават ништо невообичаено, дека така треба и дека, едноставно, Македонија е нивна приватна сопственост.
Со оваа провидна игра на „отчети“, со кампањи кои навидум немаат карактер на партиска узурпација на државата, со креирање гротескни паралелни тела и продукција на закони со кои се продолжува легислативниот хаос во државата, партијата на власт испраќа јасни сигнали дека нема намера да поднесе одговорност за мизеријата во која ја турна оваа земја. Се обидуваат со сите сили, со парите на граѓанките и граѓаните, преку рекет на стопанството и со партиската војска во администрацијата, да ги анулираат чекорите кои ова општество ги презеде во последните неколку месеци да завладее правото и да заздрават, барем малку, институциите на државата.
Дрско и вулгарно се пресметуваат со Специјалното јавно обвинителство кое води истрага токму против нив. Живи луѓе кои со години ја играат улогата на држачи за микрофони и кои го присвојуваат називот „новинари“ ја изместуваат реалноста и со сите свои сили го крепат овој систем. За нивна жал, им се истрошија лагите. Остана само еден голем срам. Истрагата продолжува...