Кога мечката ќе ви заигра пред врата, сетете се на вашиот молк

Вчера, новинарот Томислав Кежаровски беше повикан на информативен разговор, поради „боење на објект“. Човекот по кого станавме „препознатливи“ во меѓународната политичка и медиумска заедница, жртвата на режимот и неговото брутално справување со слободните медиуми и новинари, повторно мораше да се соочи со неговите џелати.  И повторно, за него нема вест на ниту една телевизија на македонски јазик.  И повторно, освен на неколку критички портали на интернет - молк.

petrit-saracini-500x500-1-1-200x200

Пишува: Петрит Сарачини

Дури, за Кежо вчера пред полициска станица имало и камера на една, демек, независна телевизија, но немало прилог на нивните вести. Сигурно имало други, побитни работи на агендата.

Слично беше и пред неколку дена, околу инцидентот со ТВ 21 и обезбедувањето на Груевски кое влезе без налог во дворот на телевизијата и му нареди на новинарот да ги избрише снимките од епизодата “Пастирот сам без обезбедување меѓу народот“, веројатно поради нивната „неспонтаност“, односно, поради тоа што не биле снимени од вистинските „курирски“ професионалци кои се задолжени да го следат во чекор Пастирот и да ја докажуваат љубовта која народот ја има кон него. Со таа разлика што за инцидентот известија неколкуте телевизии на албански јазик и интернет - порталите.

Ете, и низ овие примери гледаме колку секој ден, во секој поглед, напредуваме и грабиме кон медиумските реформи. Со крупни чекори.

Е, па, да си знаете, драги колеги, особено сите вие кои се декларирате како борци за слобода на професијата, а не го демонстрирате тоа и во вашата работа и содржините кои ги произведувате: сé додека солидарноста меѓу новинарите и медиумите е на ова ниво, нема слободни медиуми и новинари. Затоа што сте разединети.

И, тука не мислам на поделеноста помеѓу новинарите и медиумските слуги на власта, тие и онака не се новинари, туку пропагандисти на политичките и економските центри на моќ, заштитени мечки, за кои и со кои не треба да се разговара во контекст на новинарството и на слободата на медиумите. Мислам на вас, луѓе кои сé уште работат во рамки на стандардите, но паѓаат на еден од најважните испити на новинарската етика.

Утре, кога мечката ќе заигра и на ваша врата, а ќе игра бидејќи сте разединети, сетете се на мигот кога сте молчеле за сите бруталности и притисоци врз вашите колеги. Сетете се на вашиот молк.

Оваа вест е достапна и на: Albanian