Конференција на ЦИВИЛ: Изборите се само почеток на евроатланскиот пат на Македонија!

Во Македонија нема услови за фер, демократски и кредибилни избори, на 11-ти декември! Но, нема простор ни за нивно одлагање, бидејќи политичката криза во државата предолго трае. Од друга страна, граѓаните веќе не можат да го издржат притисокот и правецот во кој се движи државата со актуелната власт. Затоа, изборите се неминовност...

Нема квалитетни реформи на кои се обврзаа политичките лидери-потписници на Договорот во Пржино, во сферата на медиумите, во работата на ДИК, во „чистењето“ на Избирачкиот список, во расчистувањето на кривичните дела што произлегуваат од аферата „Прислушување“, преку работата на СЈО. Но, сепак, има позитивни придвижувања, пред сé, од аспект на кршење на стравот на граѓаните кои една деценија се под силен притисок на власта. Ова се поентите и заклучоците на лидерите, на високите претставници на политичките партии и коалиции, кои ќе учествуваат во овој изборен процес, и на експертите кои беа гости-учесници на вчерашната конференција „Слободни избори 2016“, што ја организираше ЦИВИЛ-Центар за слобода.

15170845_1128134483971686_5307587699643361315_n

Н.Е. амбасадорката на Германија, д-р Кристине Алтхаузер

Конференцијата ја отвори германската амбасадорка, д-р Кристине Алтхаузер со порака - Македонија преку реформите, да се врати на патот на демократијата.

„За помалку од три недели, државата ќе се соочи со предвремени парламентарни избори. Пред два дена, единаесет политички партии и коалиции, коишто ќе бидат дел од изборите, во просториите на ДИК, потпишаа Кодекс за фер избори. Тие се обврзаа да ги почитуваат изборните правила, и да не вршат притисоци врз државните службеници или вработени во компаниите со државен капитал“, порача германската амбасадорка.

Според неа, многу е значајно потпишувањето на Кодексот, но сепак, уште позначајна е имплементацијата на овој документ во пракса.

„Времето на изборната кампања е кратко, но значајно. По 11-ти декември, работата нема да биде завршена, всушност, таа само што започнува. Со имплементација на реформите, државата треба да се врати на евроатланскиот пат“, рече амбасадорката Алтхаузер.

15203354_1128135060638295_7354559549820254286_n

Конференција „Слободни избори 2016“

Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала кој ја модерираше конференцијата, се осврна на сознанијата, фактите и откритијата за масовните злоупотреби и притисоци на власта, во периодот од јуни минатата година до денес, преку перманентната работа на терен на над 300 набљудувачи кои будно ја следат состојбата, но и преку текстовите на бројни граѓански новинари ширум Македонија.

„Работата на ДИК не го даде очекуваниот резултат, наспроти зајакнатите ресурси. Граѓанките и граѓаните не стекнаа доволно доверба во Избирачкиот список. 'Фантомите' не си заминаа и за тоа сведочат стотици случаи. Од 10-ти ноември, кога објавивме дека имаме над 200 случаи, имаме над 100 нови пријави за исто толку случаи на 'фантоми', зашто граѓаните, немајќи каде да реагираат, се јавуваат во ЦИВИЛ. Продолжува злоупотребата на јавните ресурси, на моќта. И натаму, не постои поделба меѓу партијата и државата. За сите овие злоупотреби, ЦИВИЛ располага со докази, мејлови, скриншотови..., зашто сознанијата не ги темели на обични озборувања на тротоарите, туку на реалност со факти и бројки“, посочи Дерала.

Во Македонија, во овој момент не може да се очекуваат фер и кредибилни избори, согласно со стандардите на Европската унија, оценија и правните експерти на ЦИВИЛ, адвокатите Александар Новаковски и Сандра Гавриловска.

„Изминатите изборни циклуси, за мене се најрелевантен показател. Имавме повреди на одредби од меѓународни конвенции. Во оваа ситуација, повторно ќе се соочиме со, можеби - технички добро организирани избори, но во крупните делови, не се направи ништо. Апелирав да се соберат сили, да се реши прашањето, да се најде закон, којшто ќе го санкционира заплашувањето на граѓаните. Моја оценка е дека во сферата на медиумите, има далеку поголемо подобрување во овој краток период, но Избирачкиот список не е прочистен“, рече Новакоски.

„Сериозно и добронамерно загрижените меѓународни фактори, нѝ зборуваат за поделба на власта, за политички плурализам, за правично судење и фер избори. Но, во услови на поистоветување на партијата со државата, не можеме да зборуваме за демократска, туку за апсолутистичка власт. Особено, според квалитетот и квантитетот на застапените вредности. Без концептот за поделба на власта, тешко може да се заборува за независни државни органи. Уште помалку, за систем на проверка и рамнотежа, а најмалку за демократија“, акцентираше Гавриловска.

15094837_1128134867304981_1206438023580175892_n

Новакоски, Поповска, Стојменов, Ибраимовски и Трајанов

Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз и претставник на Коалицијата за промени и правда ги обвини лидерите на четирите политички партии, вклучени во пржинскиот процес, особено Никола Груевски и Али Ахмети, дека не покажале демократски капацитет - Република Македонија да биде една изборна единица. Според Трајанов, тоа е круцијална грешка направена со Договорот од Пржино.

„Овие се избори - да се биде или не, ќе има промени или не! Никола Груевски и Али Ахмети носат одговорност, зашто се генератори на кризата во Македонија. Но, сите четворица не покажаа демократски капацитет - Македонија да биде една изборна единица, при што паралементот ќе биде одраз на граѓанската волја. Ние 10 години немаме опозиција која има капацитет да ги согледа сите процеси. Можеби опозицијата е зајакната последните две години, со објавувањето на т.н. 'бомби'. Но, главниот апсурд е тоа што аболицирани носители на високи држави функции се повторно на кандидатските листи“, рече Трајанов.

Ивон Величковски, претседател на Либералната партија, смета дека не може да се очекуваат фер избори, кога граѓаните наместо во МВР, имаат поголема доверба во ЦИВИЛ, па таму ги пријавуваат аномалиите и проблемите со Избирачкиот список и другите злоупотреби и притисоци од власта.

„Изборите ниту ќе бидат фер, ниту демократски! Мора да знаеме, зошто ни се потребни слободни избори. Ако власта не е демократска, вие не може да ја рушите со демократски средства. Извор на кризата е нефункционирањето на институциите, на власта со нејзините коалициони партии. Ќе имаме избори со непрочистен Избирачки список. ДИК е формирана со шест претставници на политички партии, кои имаат различни критериуми. Согласно пржинскиот договор, јасно е дека тие се признати, без да се одржат. Најдобро е претставниците на политичките партии да си ги напишат резултатите во ДИК“, рече Величковски.

15181367_1128134607305007_5756354666574332787_n

Ивон Величковски (ЛП) и Гзим Острени (Унитети)

Претставникот на коалкицијата на „Алијанса за Албанците“, лидерот на Унитети, Гзим Острени посочи дека албанските гласачи во моментов, се под силен притисок од ДУИ.

„Ние не сакаме војна, туку да развиеме политичка борба кај гласачите. Оваа еднаквост, за жал, не функционира како што треба. Посебно во делот на изборите, каде што ќе земат учество Албанците, има невиден притисок, што граѓаните не можат да го разберат. Во последно време, се вработуваа млади девојки, но не им се даваше решение. Секој има некој роднина или 'племе' од 300-400 луѓе, може само да се замисли колкаво е влијанието на една политичка партија во ваква ситуација, особено на ДУИ. Во нашите анализи, ова го нарекуваме - корупција на гласачите. Кога му се заканувате на едно лице-девојка, дека ќе ја одведете од Дебар во Прилеп да работи ако не гласа за вас, тоа е јасно, за каков притисок станува збор. Мислиме дека овие партии функционираат како технократски партии. Самите министри, а и директорите, особено на локално ниво, сите тие вршат притисок на вработените да гласаат за партијата на власт. Секој кој ќе му се спротивстави на ДУИ, ќе биде изгорен како вампир пред сонцето! Се надевам дека ЦИВИЛ ќе може ова да го надгледува и анализира“, оцени Острени.

ДИК треба да биде самостојна институција, која ќе ја сочинуваат независни експерти, а не претставници на политички партии, смета лидерот на Партијата за целосна еманципација на Ромите, Самка Ибраимоски.

„ДИК сега не носи правилни одлуки, зашто, во неа има членови на политички партии, кои гласаат во интерес на партиите. ДИК треба да биде составена од професионални, стручни кадри, зашто се работи за државна институција. Со ваков состав, нема слободни избори! Како политичка партија не се согласуваме со Избирачкиот список и не веруваме дека изборте ќе бидат слободни. Имаме сознанија дека ќе се вршат многу притисоци. И, се вршат, особено притисоци од власта, од центрите за социјална работа, одат од куќа до куќа и ги убедуваат луѓето дека ќе имаат проблеми, доколку не гласаат за нив. Овој пат, не успеав да ги фотографирам, но ќе докажам дека ова што го зборувам е вистина“, категоричен е Ибраимовски.

Според Лилјана Поповска од ДОМ, добро е во соработка со другите политички партии, да се стопира можноста за гласање на „фантомите“.

„Не очекувам спектакуларни промени, ова ќе биде прва фаза на демократизација на Македонија. Според ИРИ, 64 % од граѓаните се опозиционо настроени, тој процент сега е зголемен и на 70%, но, овие гласови ќе бидат разнебитени, зашто ќе се вршат големи притисоци“, изјави Поповска. „Слободни избори нема да има. Десет години се прават манипулации во еден авторитарен систем. На денот на изборите, се случуваа многу малку манипулации. Проблемот е што изградивме едно хибридно општество“, рече Поповска.

15094441_1128134617305006_7532399149907671501_n

Конференција „Слободни избори 2016“

Буквално целата машинерија, сé е впрегнато во функција на избори. Во другите држави, тоа не постои. Медиумски да не говорам, еве, ако од утрото денот се познава, не верувам дека ќе имаме слободни избори. Апелирам и до медиумите, објективно да известуваат. Не можете да пуштите телезивизија, и гледате само едно, те исто. Се надевам дека ќе имаме промени на овие избори, дека нацијата знае за кого треба да гласа“, рече Глигор Стојменов, од Коалицијата за промени и правда.

Според Мила Царовска од СДСМ која беше и претставник на најголемата опозициона, коалиција, ќе има задолжителна промена на власта на предвремените парламентарни избори.

„Промена на власта секако ќе се случи. Тоа ѝ го должиме на Македонија и тоа мора да се случи. Услови за фер избори-нема, но работиме на откривање и пријавување на сите фантомски гласачи. Како партија, во ДИК ги пријавуваме сите случаи. Имињата, списоците ќе бидат предадени и на гласачките места, на набљудувачите, за да бидат полесно откриени. Од МВР, министерот Спасовски сите спорни гласачи ги предаде во ДИК и во СЈО и се спроведува постапка за тие 35.000 неподигнати лични карти. Поведена е и постапка за утврдување на непостоечко живеалиште. Министерката Фросина Ременски испрати предупредување дека за сите агитирања на раководителите и кадрите во функција на изборите, ќе следат прекршочни пријави. Исто така, отворена е телефонска линија и портал каде може да се пријавуваат 'фантомите'. Промени ќе има, а наша темелна определба е одвојување на државата од партијата“, потенцираше Царовска.

Настанот предизвика големо внимание и во невладиниот сектор. Бројни граѓански организации преку свои репрезенти ги следеа излагањата на политичарите, и активно учествуваа во двоиполчасовната дебата, која предизвика голем интерес и во медиумите.

Моника Талеска

Камера: Атанас Петровски и Дехран Муратов

Монтажа: Ермин Климента

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian