Националната конференција „Europe, my country“ (Европа, мојата земја), започна со панел дискусијата на тема: „Активно граѓанство- тренд или обврска?“ Панелистите кои зборуваа на оваа тема беа Ана Јовковска, граѓанска активистка и новинарка и политичкиот аналитичар д-р Сашо Орданоски.
Дискусијата започна, по предлогот на новинарката од ЦИВИЛ Медиа, конференцијата - со оглед на тоа дека има за задача да го проблематизира граѓанскиот активизам особено кај младите луѓе - да се премести на платото пред УКИМ, каде во моментов поддржувачите на Студентски пленум, ги бојкотираат изборите за претседател на Студентскиот парламент, со цел да се спречи уште еден нелегитимен избор. Идејата беше поздравена, но не се реализира.
Во тој контекст, Јовковска зборуваше за различните форми на активизам, и за потребата да се фокусираме кон можностите, а не само кон проблемите. „Активизмот го дефинирам како импулс за подобар свет, како реакција кон неправдата”, изјави Јовковска. “Шарената револуција се бори против далтонизмот, во општество каде нема култура на активизам, а во последно време, нема ни култура на дебата”, рече Јовковска, зборувајќи за Шарената револуција, како последен позитивен пример на граѓански активизам.
Ордановски зборуваше за недостатоците во формалното образование и ефектот врз формирањето на младата личност. Како што истакна тој, образованието не треба да служи да даде знаење, туку да ги научи младите за методите со кои треба да се стигне до знаењето.
“Младите денес имаат виртуелен идентитет, оттаму и виртуелно комуницираат. Фрагментираните интереси оневозможуват да се постигне нов општествен договор. Немаме време за контексти, младите размислуваат во фрејмови”, истакна Ордановски, кој зборуваше за влијанието на интернетот врз младите.
Во вториот дел од дискусијата, панелисти се пратеничките Лилјана Поповска и Лидија Димова. Во овој дел од конференцијата тема е релацијата меѓу младите и народните избраници, а презентирани ќе бидат и резултатите од истражувањето за тоа колку младите ги познаваат пратениците во Собранието.
На крај свое обраќање ќе имаат Н.Е. Кристине Д. Алтхаузер, амбасадорка на Сојузна Република Германија во Македонија и Аиво Орав, шеф на Делегацијата на ЕУ.
Конференцијата е во организација на EuroDEMOS – Романија, V2020 – Англија, TDM2000 – Италија и Младинскиот сојуз Крушево – Македонија
Проектот е поддржан од Europe for Citizens програмата на Европска унија.
ЦМ
Оваа вест е достапна и на: Albanian