ЦИВИЛ – Центар за слобода организира консултативни средби и работилници со експерти од Хрватска на тема „Финансирање на политички партии и изборни кампањи“, на 18 и 19 ноември (среда и четврток) во хотел Опера Хаус, од 10:30 часот до 14:30 часот.
Гости на ЦИВИЛ се експертите од Хрватска, Александра Јозиќ Илековиќ од Центар за одличност при хрватското МНР и Драган Зелиќ од ГОНГ, надалеку позната по своето искуство и експертиза во изборното набљудување и изборните системи.
Покрај експертите од Хрватска и проектниот тим на ЦИВИЛ, учество на овој дводневен настан ќе земат и мониторинг тимовите на организацијата, регионалните координатори на ЦИВИЛ, како и претставници на граѓанското општество.
Темите на кои ќе се одржат консултации и работилници се однесуваат на важноста од регулирање на финансирањето на политичките партии и на предизборната кампања; состојби, законска рамка и пракса во Република Македонија; искуствата во Хрватска пред и по воведувањето на новата законска легислатива во однос на финансирање на политичките партии и партиски кампањи; предизвици и можности за примена на хрватското искуство во македонски контекст.
Настанот се организира во рамките на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Дополнителни информации: Експертски тим од Хрватска за поддршка и обука на ЦИВИЛ
ГОНГ е граѓанска организација основана во 1997 година за да ги поттикне граѓаните активно да учествуваат во политичките процеси. Цел на организацијата е промовирање и подигнување на човековите и граѓанските права, како и поттикнување и зајакнување на свеста на граѓаните за учество во политичките процеси. ГОНГ ги промовира културниот дијалог, отвореноста, транспарентноста и одговорноста во јавниот домен, истовремено почитувајќи ги човековите и граѓанските права, преку истражување, застапување и образование, самостојно или во соработка со поединци и/или организации кои ги делат вредностите на организацијата.
Драган Зелиќ дипломирал политички науки на Факултетот за политички науки. Негови области на интерес, меѓу другото, се: изборниот процес, вклучувајќи го и избирачкиот список и изборното менаџирање, транспарентност на јавните органи и борба против корупцијата, со акцент на транспарентноста во финансирањето на политичките партии и изборните кампањи и конфликтот на интереси. Своето искуство во ГОНГ и познавањето на набљудувачкиот процес на изборите и едукацијата на гласачите, тој ги пренесува на граѓанските организации во Русија, Монголија, Либан и Ерменија. Тој, исто така, учествувал во набљудувачките мисии на ОБСЕ, НДИ и ЕНЕМО на изборите во Азербејџан, Белорусија, Бугарија, Либан, Израел - на Западниот брег и Појасот Газа, Словачка, Украина и САД. Тој се занимава со истражување и анализа на различни правни рамки и со меѓународните стандарди поврзани со изборите, корупцијата и транспарентноста на јавните органи.
Александра Јозиќ-Илековиќ дипломирала право на Универзитетот во Загреб. Нејзините области на интерес, меѓу другото, се: финансирањето на политичките партии и на изборните кампањи. Била заменик на претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) на Република Хрватска (за време на претседателските избори во 2009 година и 2014 година, на парламентарните избори во 2007 година и 2011 година, во изборите за Европскиот парламент во 2013 година и 2014 година, на Референдумот за пристапување во ЕУ во 2012 година и Референдумот за уставната дефиниција на бракот во 2013 година). Јозиќ-Илековиќ била на чело на ФАРЕ и ИПА програмите за ДИК во проектот финансиран од ИПА за зајакнување на финансирањето на политичките активности и изборниот систем за контрола на публицитет. Таа е автор на експертизи и на статии за уставното право и за правата на националните малцинства, како и избирачкото право. Работи како висок советник во хрватската Влада, во Секретаријатот за законодавство, како советник на министерот за јавна администрација и како советник во Град Загреб. Таа е дел од експертскиот тим на Центар за одличност при Министерство за надворешни и европски работи на Република Хрватска.