Со мало задоцнување, контра-протестот во организација на Граѓанското движење за одбрана на Македонија - ГДОМ, започна на бината поставена спроти Собранието. Илјадници луѓе, дојдени организирано со автобуси, во колона пешачеа од Црвен крст кон Собранието, за на крајот присутните да се концентрираат нз улицата „11 Октомври„ на потегот од Порта „Македонија“ до автобуската станица кај Зелен Пазар.
Додека на огромните звучници ечеа народни и новокомпонирани патриотски песни, контра-демонстрантите со големи знамиња на Македонија, кои опфаќаа и по неколку нивни редови, во бранови доаѓаа пред бината, потпевнувајќи ги римите за „Усо Тимјанички, царот неготински“ и за „чистото Македонче од битолската околија“. Како рецидиви од минатото, имаше и по некоја црвена беретка и помали групи главно мускулести и тетовирани момчиња со бричени глави, облечени во црни маици со симболот на ВМРО и максимата „Свобода или смрт!“.
Како и на минатогодишниот митинг, во организација на ВМРО-ДПМНЕ, на страната кон Паркот Жена беше поставена железна ограда, но и покрај обидите да се спречи одлевањето на присутните, „Рамстор“ и ГТЦ беа полни шетачи со кесиња, а од недостатокот сендвичи, профитираше и преполнетиот „Дестан„. Покрај мобилната семкарница Јохан Тарчуловски во црна мајица со натпис Тодор Александров, се фотографираше со неколкумина од демонстрантите.
На бината пееја Андријана Јаневска и Сузана Спасовска и говореа Тони Михајловски, Братислав Димитров, Петар Темелковски, Атанас Николовски и Александар Пандов...
Зад нив, на железната ограда беа поставени пакати со пораки „НЕ во ЕУ“, „НАТО - надвор“, „Вашите амбасадори се грди“, „НАТО - Северноатланска терористичка организација“, „Единствена Македонија… Во контекст на политичките пораки од плакатите на оградата беше говорот на Пандов кој побара Уставниот суд времено да ги забрани „граѓанските организации, фондации и политички партии кои во моментов ја рушат и урнисуваат Македонија“!
Во „Прогласот за Македонија“ на ГДОМ се вели дека оваа организација застанува против сите деструкции и црни и мрачни сценарија пред кои Македонија е исправена во овој момент. ГДОМ бара избори на 5 јуни 2016, за крај на кризата, го осудува и бара итно стопирање на секој облик на насилство врз македонската полиција и итно и безусловно стопирање на хулиганството и вандализмот, уништувањето на народниот имот и на македонските институции. ГДОМ порачува дека мора да се стави крај на „деструктивните сценарија за обидите за поделбата на народот“.