Контроверзите на „Диво насеље“: Кога и како е убиен Ндрецај?

Дел од адвокатите на притворените за „кумановската војна“, реагираа во медиумите на албански јазик, дека по обелоденувањето на исказот на еден заштитен сведок - оти Мирсад Ндрецај, кој официјално загинал во престрелките, сепак, бил уапсен жив по кумановската акција, нивните клиенти биле повредени од полициско насилство, пред и за време на транспортот од судницата кон притворот

Последното рочиште на судењето на уапсените за „кумановската војна“ во која животот го загубија осумина полицајци и 14 учесници на вооружената група, беше прекинато, наводно, поради дефект на електричната енергија, но во етнички-албанскиот дел од македонската јавност, веднаш се прошири тезата дека вистинската причина за прекинот бил „дефектот“ што го предизвикала изјава на заштитен сведок.

dsc_0162-500x333

Имено, на прашање на еден од адвокатите - дали заштитениот сведок по акцијата го уапсил Мирсад Ндрецај, тој одговорил дека Ндрецај, кој, според официјалното соопштение загинал во престрелките, го уапсил жив – негов колега, полицаец.

По тој повод, министерот за внатрешни работи Митко Чавков, на прашање на ТВ Алсат – М, одговори дека најверојатно, полицаецот се збунил во текот на давањето на изјавата: „Слушнав дека тоа било на самата судска седница, меѓутоа, верувам дека одбраната и обвинителството ќе ја расчистат оваа дилема или, не знам како да ја наречам. Мислам дека тоа не е дилема, но е некоја забуна во текот на давањето на изјавата. Значи, треба да имате разбирање и за психолошките моменти додека траат вакви процеси", изјави Чавков.

download

Адвокатот Насер Рауфи, бранител на учесник во кумановските настани, за ТВ Алсат - М ја прокоментира изјавата на министерот Чавков: „Јас мислам дека овие коментари немат основа, особено од лице кое не било присутно во салата, но дури и да било присутно, законот забранува секој коментар за прашањата на сведокот. Мислам дека забуна е изјавата на министерот, а не изјавата на заштитениот сведок“.

Рауфи во „Лајм“ го отвори и прашањето за наводното насилство врз неговиот клиент Севдаил Мифтари, кога во подрумот на судскиот објект, пред транспортот до притворот, припадници на специјалната полициска единица наводно му ја скршиле ногата. Иако не му било овозможено да го види лично клиентот, Рауф тврди дека семејството на клиентот го убедило дека навистина се работи за малтретирање и повредување на Мифтари.

И според други изјави во медиуми на албански јазик, адвокатите на дел од притворените, наведуваат дека имало насилство и врз Анди Красниќи („Командант Малишева“), Дем Шеху и Екрем Арифи.

Реагираше и Воислав Стојановски од Хелсиншкиот комитет, кој изјави за „Лајм“ дека Судот не им дозволил да ги посети притворениците. „Ние веднаш баравме да ги посетиме овие притвореници, за кои има тврдења дека биле повредени, па дури, имало и сериозни повреди, на пример, кршење на вилица, модринки на телото... Побаравме дозвола да ги посетиме во затворот. Во нормални услови, Судот секогаш ни дозволува да ги посетиме притворениците, но во овој случај, не ни беше дозволено вакво нешто. Со тоа, не можеме да потврдиме што навистина се случило, но мислиме дека имало насилство кон нив“, изјави Стојановски за „Лајм“.


Б. Мемиши