„Кратки нозе“ за уништени бугарски воени гробишта кај Кавадарци

Во јавноста кај нас и во Бугарија деновиве кружат дезинформации за наводно уништување на бугарски воени гробишта, со цел да се изгради автопат кај Кавадарци.

 

Дезинформацијата дека две бугарски воени гробишта се уништени во 2018-2019 е првично објавена на Радио Благоевград, како изјава на Виктор Стојанов, претседател на Фондација „Македонија“. Откако беше демантирана од нашето МНР, и екипа на БНТ објави дека таму има два споменика, а нивни извори дадоа изјави дека никогаш не виделе бугарски воени гробишта на местото.

На 16.10.2021 порталот Пресинг ТВ пренесе Фејсбук статус на Стојанов  дека „РС Македонија излажа дека немало воени гробишта на трасата на магистралата.“

Но, на 19.20.2021 експерт на Министерството за одбрана на Бугарија укажа на БНТ дека уништување на гробишта немало во 2018-2019, туку во 1930-тите, што го потенцира и бугарски Дневник во насловот „Бугарските воени гробишта“ во Северна Македонија се покажа дека се уништени пред десетлетија“.

Во текстот на Дневник се разоткрива целата хронологија на дезинформации за наводно уништени бугарски воени гробишта и споменици во близина на Кавадарци. „Дневник“ во статијата заклучува:

„Денови откако претседателот Румен Радев им даде поттик на тврдењата за бугарските воени гробишта кај Кавадарци, уништени за изградба на автопат, Министерството за одбрана практично објасни дека тие не постојат од 1930 -тите и на нивно место има споменици кои се недопрени“.

Вакви дезинформации често и лесно ги минуваат границите, влијаат на односите помеѓу двете држави во момент кога меѓу нив се водат преговори, и создаваат врева од невистини, недоверба па и омраза меѓу нивните граѓани.

Но, и во овој случај се работи за „Многу врева за ништо“ – истото како во насловот на популарната комедија на Шекспир. А вревата ја направија и новинари и политичари кои ширеа дезинформации, наместо да ја проверат вистинитоста на првичните тврдења и да не ја доведуваат во заблуда публиката.

Петрит Сарачини

Оваа вест е достапна и на: English