„Крик на жената“

Меѓународниот фестивал на поезија и уметност – „Крик на жената“, денеска со почеток во 20 часот, во ресторанот на МКЦ, ќе се одржи првпат во Македонија под мотото „20 дена по 8 март и шчо напраифме?“.

Фестивалот претставува можност преку поезијата, музиката  и уметноста воопшто, да се поддржат жените кои се жртви на насилство, но и да се подигне свеста и кај мажите и кај жените, за единството во борбата против насилството и за потикнување на култура на негување на родовата еднаквост.

Токму поради тоа, учество на фестивалот подеднакво имаат и мажите и жените уметници/уметнички, поети/поетеси, музичари/музичарки...

Поетското читање ќе биде придружено со гитара на Александар Пешевски, а поети/поетеси кои со својот стих ќе ја пренесат пораката за свесноста и улогата на жената во општеството се: Џабир Дерала Виолета Танчева Златева, Елена Пренџова, Оливера Доцевска, Трајче Кацаров, Марина Мијаковска, Марта Маркоска, Викторија Сиљаноска, Делвина Керлуку, Асдрен Челику, Бобан Богатиновски, Александра Велинова, Кети Јованова, Цвета Колева и Стефан Марковски.

Во програмата се вклучени музички, театарски и балетски перформанс, мини-изложба на ликовни уметници и латино-американски танци.

Организатори на фестивалот се Оливера Доцевска и Елена Пренџова, коорганизатор е „Јустиција“, а поддржувачи на настанот се: ЦИВИЛ - Центар за слобода, Македонска платформа против сиромаштија – МППС, YENİ Yildiz TÜRK Derneği - турско здружение во Македонија, Националниот совет за родова рамноправност – СОЖМ, РОМА С.О.С. од  Прилеп, МКЦ - клуб ресторан.